Доколку нема уставни измени, како предуслов за отпочнување преговори, ни се заканува вето од Бугарија и ќе имаме децениски застој, порачува лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
Според него, споредбите со Хрватска не се соодветни и го повтори ставот на неговата партија дека Македонија и Хрватска не може да се споредуваат, со оглед на податоците од последниот попис во кој Македонци се 54, а Албанци 30 отсто.
-Ако веќе сакаме да се споредуваме, тогаш да ги погледнеме примерите на Швајцарија на Белгија и земји кои имаат слична демографска слика. Сметам дека ВМРО – ДПМНЕ тоа го прават за да добијат поени кај луѓе кои се ултранационалисти. Не верувам дека така мислат, како што зборуваат на прес конференции, изјавил Таравари за МИА, коментирајќи го предлогот на најголемата опозициска партија за уставни промени по терк на хрватскиот модел.
Во преамбулата на хрватскиот устав се споменуваат дури 22 малцинства, меѓу нив и Бугарите. Таму се споменати и Македонците.