Таравари: Условот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство е спротивен на преговарачката рамка

од Nikola Popovski

Алијанса за Албанците ја поздравува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, но велат дека нивниот услов со ефект на одложено дејство е неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ.

-Уставните измени треба стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција. Во однос на условот на ВМРО-ДПМНЕ за излез на албанските партии од владата, сакам да нагласам дека нас нè интересира завршувањето на европскиот процес и перспективата на граѓаните, а не изборните калкулации. Алијансата за Албанците реши да влезе во владата заради процесот, но ќе се адаптира во зависност од новите околности, дали во владата или надвор од неа, изјави денеска на прес-конференција лидерот на АА, Арбен Таравари.

Тој смета дека размената меѓу двете најголеми македонски партии со понуди и контрапонуди за гласање на уставните промени, директно влијае и на интересот на Албанците. Партијата до крајот на неделава треба да одржи состанок на раководството, по што ќе излезат со усогласен став во партиските органи за лидерската средба меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски и заклучоците што излегоа од неа.

Првиот човек на АА напомена дека една од главните цели во делувањето ќе биде нивното барање за отстранување на 20 проценти кои го негираат албанскиот идентитет и воведување на албанскиот јазик во Уставот, како и дека е дојден момент за таа промена.

Слични содржини