Министерот за здравство и еден од претставниците на ВЛЕН во Владата, Арбен Таравари смета дека лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски е се уште во изборна еуфорија и дека албанското знаме не треба никого да попречува, со оглед дека е официјално и за тоа не треба да се разговара.
„Мислам дека опозициските партии го злоупотребуваат ова. Додека Максим Димитриевски е во изборна еуфорија, употребата на албанското знаме е официјална и не може никому да му попречи. Ако тоа е причината за напуштање на владата, тој мора да одлучи“, рекол Таравари во емисијата „Дејли клик“.
Според него, Димитриевски добил гласови од Албанци кога бил избран за градоначалник на општина Куманово.
„Пак ќе има избори и ќе ја смени реториката. Вчера кружеа фотографии на кои се гледа дека во неговиот кабинет има албанско знаме. Мислам дека тоа е повеќе популизам отколку сериозност“, вели меѓу другото Таравари.
Димитриевски предупреди дека неговото движење ќе ја напушти владеачката гарнитура доколку се повтори ситуацијата од минатата недела.
-Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“ кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување…Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од Владата. Ќе излеземе од Владата, кажа Димитриевски во подкастот на ТВ Канал 5 – „На кавга со Иван“.