Процедурата е помината, но, треба да помине и одредени филтри кои што минуваат во Владата. Јас не се разбирам од тоа и да ми дадете портфолио, не ме ни интересира, но не е за 20 години. По физибилитетот е предвидено да биде за 20 години, меѓутоа имаме одлука на Влада дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Лично мислам дека Клиничкиот нема да биде тука повеќе од 7-8 години, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари по објавите дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар. Дел од партиите обвинија дека дека компанијата е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција.
Според Таравари, тоа е ставено како услов додека Клиничкиот центар е на истата локација.
-Затоа интересот на компаниите беше мал. Да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа. Сега има уште одредени филтри, ако не помине, пак ќе го објавиме. Цените се 50 денари. Во „Рамстор“ е 60 денари. Тука имавме паркирање на возила, а после си одат во град. 50 денари е пристојна цена. Пред „Нова Македонија“ е 40 денари за граѓаните. 50 денари не е висока цена. Имајќи во предвид какви се цените, мислам дека не е лоша. Во Скопје има места каде што паркингот е 100-150 денари, рече министерот на денешната прес-конференција.
Според него, не постои понудувач кој што нема да наплаќа за паркинг.
-Не е ништо потпишано. Ако ете слушаме од јавноста дека не им се допаѓа, тука сум и да не го потпишам. На Клинички центар паркингот е голема нервоза. Секогаш ми значи од јавноста што ќе чујам. Ако не го потпишам, ќе го поништиме, ќе објавиме пак, само ќе изгубиме уште една година, додаде Таравари.
Според условите во огласот на Министерството за здравство, чиј рок за поднесување понуди е изминат, гаражите треба да ги изгради приватниот партнер – концесионер. Тој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“. Обврска на концесионерот е и да ги проектира, изгради, управува и одржува монтажните гаражи, како и другите места за паркирање.
Според проценката на Министерството за здравство, инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра. Моментно, на Клиничкиот центар има 800 паркинг места, а со двете катни гаражи би се добиле уште 800 до 900.
Моменталната цена на паркингот изнесува 30 денари за еден час.