Запрашан дали е коректно да се посетат најтешко повредените пациенти на интензивна нега и носење само на маска, министерот за здравство, Арбен Таравари денеска даде појасни детали околу посетите во болниците.
-За мене како министер е најважно пациентите да се здрави и живи. Јас веќе реков дека не треба да се злоупотребуваат лицата на пациентите. Се надевам дека ние како Влада се придржуваме стриктно на ова. И премиерот и јас како министер за здравство имаме обврска да ги посетиме пациентите кои полесно се повредени. За тие што се со изгореници од прв степен, не ни треба ништо друго освен маска. За останатите кои се на интензивна нега, таму има правила и да сакаме, не можеме да бидеме облечени како што треба и според протоколите, рече Таравари пред присутните новинари, дека при посетата на македонските пациенти во Бугарија, но и тука во „8-ми Септември“, со останатите надлежни функционери биле облечени како што треба.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека „не прави ПР кампањи од целата ситуација“.
-Фотографиите се во тил и никаде нема лица од пациентите. Многу внимателно ги биравме фотографиите. Не го правам тоа поради ПР туку за да излезам пред вас за да не се кријам и да зборувам отворено за ова со кое се соочуваме и по сето тоа што постапуваме, кажа меѓу другото претседателот на Владата.
Негодувањата следуваа откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ веќе ги потсети македонските пациенти кои се згрижени во Белград и тоа пред тоа да го сторат нивните семејства. Тој беше придружуван од десетина камери и новинари на интензивната нега во Клиничкиот центар на Србија. Голем дел од овдешната и тамошната јавност го осудија ваквиот потег, истакнувајќи дека Вучиќ си тера своја ПР кампања.