Министерот за здравство, Арбен Таравари се огласи во јавноста откако директорот на Геријатриската болница во Скопје бил фатен со мито за да смести пациент во установата со која раководел.
-Со оглед на фактот дека лицето М.А. е предложен од АА за времено решение за прв човек на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина “13 Ноември Скопје”, сметаме дека е неопходно да го соопштиме следното: АА ги повикува надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, порача меѓу другото Таравари.
Според него, испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности.
-АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата, стои во реакцијата на министерот за здравство.
Иако официјално не се соопштува колкав бил износот на земените пари на Мухсин Арифи, неофицијалните информации кои кружат во медиумите говорат за шокантна сума од 20 илјади евра. Според извори упатени во случајот, станува збор за класичен пример на злоупотреба на позиција – особено во систем каде секој кревет значи надеж за најранливите.
Во кратко соопштение, од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираа дека во координирана акција со Министерството за внатрешни работи, приведени се две лица.
Арифи претходно беше организациски директор на психијатриската болница во Бардовци. Toj e дипломиран архитект и доаѓа од Алијанса за Албанците.