Коалицијата ВЛЕН е најдобрата гаранција дека Северна Македонија ќе го продолжи европскиот пат, рече вчера Арбен Таравари, кој е дел од оваа коалиција. Во гостувањето на емисијата „Само вистина“, тој истакна дека не сака да се повтори 2008 година, додавајќи дека „ако има „стратегија 2028 година“, односно Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора да влезат во пакет во ЕУ, тоа се веќе повеќе причини зошто некои работи мора да се прават набрзина“.
„Гарантирам дека ќе има модалитети кои ќе бидат прифатливи за двете страни. И за Скопје и за Софија, сигурен сум, но идниот премиер сигурно ќе каже кои се опциите. Сепак, ви кажувам дека интензивно работиме на ова“, рекол Таравари.
Прашан дали разговарал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за уставните измени, Таравари навел дека не е коректно да се каже за какво решение се разговарало, туку тоа треба да го соопшти следниот премиер или претседателката.
„Работиме од повеќе аспекти. Јас сум оптимист дека ќе се најде решение. Ќе имаме помош и од невладини и од луѓе кои сакаат да и помогнат на Македонија, сите да се раздвижиме и да почнеме преговори, бидејќи тоа е во корист на граѓаните. Бројките тука се сега 80, само ни треба решение коешто ќе биде прифатливо за Бугарија и за Македонија и веднаш може да се реши проблемо“, дециден е Таравари.
Членот на ВЛЕН и градоначалник на Гостивар нагласил и дека очекува ДУИ да биде конструктивна опозиција и „да направи непречена транзиција“ на власта.