Министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари се огласи во јавноста по вчерашните шпекулации дека доживеал срцев удар. Во пораката на социјалните мрежи, министерот не објавува конкретно дали станува збор за срцев удар, но истакна дека завршил во болница.
Информира дека доживеал ненадеен колапс.
-Сè уште сум под опсервација бидејќи моите колеги се уште немаат донесено никакви заклучоци. Сепак, добро сум, со семејството и ќе ги чекаме одговорите на лекарите. Би сакал да ви кажам дека не очекував толку голема грижа и добрина од вас. Ви благодарам од се срце, стои во пораката на Таравари.
Таравари од летово по втор пат раководи со Министерството за здравство. Ја вршеше оваа должност во периодот од јуни до септември 2017 година.
Од 2016 до 2017 година, Таравари бил шеф на оддел за мигрени, главоболки и други болни синдроми на Универзитетската клиника за неврологија. Од 2017 до 2021 година беше градоначалник на Општина Гостивар, по што доби и втор мандат.
Таравари е в.д. претседател на Алијанса на Албанците од 2022 година. Од истата година, работи и како професор по предметот „неврологија“.
Тој специјализирал по неврологија во 2006 година на Универзитетската клиника за неврологија. Докторирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 2011 година. Втората специјализација му е по семејна медицина, исто така на Медицинскиот факултет во 2011 година.