Алијанса на Албанците (АА) денеска ќе има средба во Владата, информираат од партијата за „Локално“. Според информациите, в.д. претседателот на партијата, Арбен Таравари ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски.
-Средбата ќе се одржи во просториите на Владата, каде по средбата ќе има и обраќање за медиумите, појаснуваат од АА.
Иако не е официјално објавено кои ќе бидат темите на разговор меѓу Таравари и Ковачевски, се претпоставува дека можни се преговори за евентуален влез на АА во Владата.
Премиерот во неколку наврати негираше дека има разговори со АА.
-Тоа е политичка партија која во својата програма и јавни настапи има добар дел од ставови кои се прогресивни во делот на продолжување на европскиот пат на државата, во делот на борбата против корупцијата, владеењето на правото и сметам дека тоа е добро. Меѓутоа, во моментов не се разговарало за конкретна соработка во дел на приклучување кон владата. Но, ме радува дека ставовите што се однесуваат на иднината на државата имаат поддршка во АА, рече неодамна Ковачевски.
АА присуствуваше на неодамнешната лидерска средба во Собранието, на која се разговараше и за уставните измени.
Претходно и Таравари негираше дека имаат разговори за да бидат дел од власта, но порача дека влегувањето на АА во Владата е меч со две острици.
-Тоа е меч со две острици бидејќи можеме да и помогнеме на земјата да го забрза европскиот пат, да се бори против клиентелизмот и корупцијата одвнатре. Од друга страна, оваа влада тера мандат 4-5 години и ако имаме предвремени парламентарни избори ќе треба заедно да ја платиме сметката, изјави Таравари.
Тој исто така порача дека неговата партија апсолутно го поддржува процесот за уставни измени со кои Бугарите и други народи треба да се вметнат во Преамбулата од Уставот.