Сведоци сме дека еден од најголемите проблеми со загадувањето на животната средина во нашата држава, а особено во скопскиот плански регион е појавата и ширењето на дивите депонии.
Денес, не е познат точниот број на диви депонии што постојат на територијата на Град Скопје затоа што постојано се создава отпад на нови локации. Ненавремено откривање и санкционирање на создавачите на диви депонии е континуиран проблем со кој се соочуваат општините.
Повремените акции водени од градоначалниците не се доволни за решавање на проблемот со депониите. Имено, загадувањето на животната средина во државата е структурален проблем кој треба да се решава систематски и со учество на сите чинители на заедницата.
Со новинарско истражување се обидовме да ги согледаме проблемите кои доведуваат до загадување на животната средина во општините Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром, со акцент на лоцирање на дивите депонии и главните загадувачи.
Веруваме дека стотици мали и големи диви депонии секојдневно ја загадуваат животната средина, без разлика што во овој мозаик има и други фактори, кои придонесуваат да се комплетира целата валкана слика за однесувањето на луѓето.
Околу 1.000 диви депони се наоѓаат на целата територија на државата, кои ги згадуваат и почвата и воздухот и целокупната животна средина.

Според податоците што ги објави експертската организација CDEF, која работи и истражува во Србија и на Балканот,„ 7,3 отсто до депониите се наоѓаат на одалеченост од 100 метри од првите куќи на населбите„.
Тоа доволно зборува за потенцијалната загрозеност на населението, кое директно е подложно на штетните материи кои влегуваат во подземните води или испаруваат од депониите и одат во воздухот.
Покрај ова, постои опасност и од можни појави на заразни заболувања, кои обично ги пренесуваат (глодарите, глувци, староци итн.), како и други животни, кучиња скитници, кои се постојани жители на депониите.

Според одредени информации за одалеченоста на депониите од водените површини, дури 15,2% од депониите се наоѓаат на само 50 метри и помалку од брегот на реките, потоците, езерата или некој друг вид на акумулација.
На одалеченост од 500 метри од зоната за водоснабдување се наоѓаат 6 до 7 проценти од дивите депонии, а на помалку од 20 метри се наоѓаат уште стотина помали депонии или сметови со ѓубре или градежен шут.
Според очевидци, на овие диви депонии повремено или постојано се појавува пожар при што согоруваат разни видови на токсични материјали, а гасовите кои кои настануваат поради разградувањето на фрлените органски материјали преку воздухот ја загадуваат поширока област од животната средина.
Во воздухот секој ден се испуштаат азотни и сулфирни оксиди, дикосини, фурани, прашина и тешки метали.
ДИВИ ДЕПОНИИ ВО ОПШТИНА „ЃОРЧЕ ПЕТРОВ„
Граѓаните постојано алармираат за појавата на диви депонии и истовремено ја искажуваат потребата од постојано и навремено реагирање на општинските власти, негодувајќи кон сите загадувачи на животната средина кои фрлаат се и сешто, од хартија, пластика до друг вид на отпад. Најлошото во сето тоа е што загрозени се сите чинители на заедницата
Така на пример, во Општина Ѓорче Петров се забележани неколку поголеми критични точки – диви депонии, кои се чистат, но повторно никнуваат, како печурки после дожд.
На улица „Црногорска“ може да се забележи различен вид на отпад, особено кај гробиштата има голема депонија, која претставува опасност за населението што живее во непосредна близина. Покрај ова, улицата е дел или можеби да се нарече трансферзала кон други руралните средини и села што гравитираат кон Кондово.

На улица „Црногорска„ – кај гробиштата и зад очната болница покрај кејот
На спротивната страна, на самиот влез во метрополата, пред стариот Железен мост, кој води кон другата соседна средина Општина Сарај и долж речното корито
на реката Вардар има огромни количини на ѓубре, кои се фрлаат без да се води сметка дека се загавуваат водните ресурси, а со нив се наводнуваат земјоделските површини.
Не помалку пострашна е депонијата крај реката Лепенец, поточно на последната автобуска постојка на број 22. Треба да се потенцира дека на ова мало подрачје живеат повеќе илјади жители, кои пред десетина години се иселија од Центарот на градот Скопје за да избегаат од бетонот, згадувањето, бучавата и затоа се преселија во т.н. природа.
Слична ситуација, јавуват граѓаните, има и под обиколницата на Скопје, поточно отпад, ѓубре, шут и друго може да се понајде под подвозниците кон селата Орман и Волково. Овие критични места неколку пати се чистат од општинските власти, но повторно, како со волшебно стапче, преку ноќ се полнат и на тој начин останува и валканата совест и валкната слика и загадената природата и животна средина.
КАЗНА ЗА ФИЗИЧКИ ЛИЦА 50, А ЗА ФИРМИ ОД 2.000 ДО 4.000 ЕВРА
Во Општина Ѓореч Петров живеат над 46.000 жители. Од Општината потенцираат дека тие „веќе ги имаат таргетирано депониите кои ги посочуваме и кои ги констатирале граѓаните„.
„Интензивно работиме на нивно чистење. Би сакале да истакнеме дека во изминатиот период дел од истите се веќе исчистени од страна на нашите служби,. Истовремено нагласуваме дека досега сме интервенирале и на многу други локации. Дел од тие се кај фабриката “Адинг”, во Кучково, кај ООУ “Јоаким Крчоски”, во Ново Село, кај пазарчето, кај воениот отпад до последна станица на автобусот “22„ Хром, Дексион, кај село Орман.
Општинските власти информираат дека ги засилиле и мерките против неовластено фрлање отпад, а онаму каде што нивните служби забележале депонирање и палење на ѓубриште се изречени одредени казни.
„Годишно, се изрекуваат од 70 до 100 казни. Според член 14 и 14-а од Законот за јавна чистота, казната за физички лица е 50 евра, додека за правни субјекти, во зависност од прекршокот, од 2.000 до 4.000 евра„ информираат од Општина Ѓорче Петров.
„Намерата ни е„, велат од Службата за односи со јавноста при Општина Ѓорче Петров„ да превенираме, пред да се изречат казни. Затоа, како и досега, повикуваме на подигање на јавната свест кај граѓаните во однос на фрлањето ѓубре и смет. Повторно апелираме на намалување на неовластеното депонирање, и ги повикуваме граѓаните, како и досега, да ги пријавуваат во општината ваквите и слични проблеми, за да може навремено да интервенираме„.
КРИТИЧНИ ДЕПОНИИ ВО ОПШТИНА КАРПОШ
На територијата на Општина Карпош живеат околу 60.000 жители, пишува на сајтот на локалната самоуправа. Но, оваа бројка не треба да се зема како веродостојна, бидејќи постојано се менува и се зголемува.
Во неа, според истиот извор, има 19.680 домаќинства и 22.849 станови. Овие бројки доволно зборуваат за опасноста со која може да се соочи населението, затоа што во нивната близина до нивните живеалишта исто така се регистрирани повеќе десетици диви депонии.
Според нашето истражување заедно сограѓаните, во овој момент се таргетирани најопасните места:
– Момин поток, по патот во населбата има отпад на сите страни;
– долж улицата Марк Твен, исто така има огромни депонии иако има поставено табли од оптштината за забрането фрлање на отпад, но сепак тоа не се почитува;
– во околина на мостот Газела од страната на с.Злокуќани;
– на крајот на булевар „Илинден„ во Карпош 4, до булеварот има депонија/отпад.
Каналот кој поминува на улица „.Козле„ во истоимената населба Козле е посебна приказна. Тој редовно се чисти, но постојано некој фрла отпад и оваа невралгична точка треба трајно да се реши, затоа што покрај загадувањето за време на обилни врнежи секој поголем отпад или смет го попречува, нормалниот тек на водите што се спуштаат од планината Водно.
Исто така, кејот на реката Вардар, спроти болницата „Систина„ односно позади Спортскиот центар „Борис Трајковски„; е вистинска еколошка бомба, особено што се загадува течението на нашата најголема река, која треба да е срце на македонскиот крвоток, а не затната канализација.

Крај на булевар „Илинденска„ и улица “Марк Твен“
Од општинските власти велат дека тековно се чистат „сметлиштата„ (т.н. мали депонии), кои се создаваат на нејзината територија од страна на несовесни граѓани.
„Конкретно на мостот „Газела“, кај тениското игралиште „ АБЦ“, каналот во населбата Козле, во населбата Бардовци, каналот измеѓу населбите Жданец и Трнодол се најкритичните локациски точки каде што се создаваат овие т.н мали депонии од смет и ѓубре.
Истиот извор посочува дека по пријава на граѓани досега инспекциските служби изрекле казни на градежните фирми„ ( конкретно на градилиштата на ул. Прашка), кои не ги запазиле процедурите за заштита на животната средина при изградба на градежен објект„.
Досега локалната самоуправа, (Општина Карпош) не изрекла казна на физичко лице, но постојано имало дежурни лица кои, (наводно н.з.), според нив патролираат во вечерните часови на критичните локации каде што е пријавено палење или истурање на отпаден материјал.
Според Службата за односи на јавноста на Општина Карпош тековното одржување на хигиената , чистењето и собирањето на сметот и ѓубрето, не создавале големи финансиски реперкусии на буџетот на Општина Карпош, бидејќи овие акции се спроведувале со техничко комунално возило и со вработени лица од локалната самоуправа.
ДЕПОНИИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ
Во Општина Аеродром, според пописот од 2002 година, живеат нешто повеќе од 72.000 жители. Стапката на порастот на населението, на годишно ниво изнесува 2,3 проценти, но последниве 2 до 3 години, таа е во постојан пораст, затоа што оваа локална заедница има најголем број на новоизградени станбени површини.

Во близина на Железничката станица „Скопје„ во Општина Аеродром
Во Општина Аеродром, едни од најкритичните точки се: на улица „3-та Македонска бригада„ под Железничката станица, во населба Мичурин,односно до улицата „Венијамин Мачуковски„.
Исто така депонија може да се забележи и на улицата „Тодор Чангов„ на последната автобуска станица на број 15-ет во населба Ново Лисиче, веднаш до паркот и на улицата „Владимир Комаров“. Покрај овие има и други помали кои значително влијаат врз животот на луѓето, но и на загадувањето на водата, почвата и на воздухот….
Од Општина Аеродром потенцираат дека во рамките на еко-акцијата која била реализирана во соработка со Град Скопје, кон крајот на ноември и почетокот на декември мината година, биле расчистени 27 диви депонии, а се уредени 22 зелени потези на територијата на Општината.
„Конкретно, беа расчистени 8 локации во населбата Јане Сандански, 4 во Ново Лисиче, 5 во Реонски Центар „Аеродром“ и Лисиче и 10 во Мичурин, Стар Аеродром и Острово„.
Општината наведува дека немала вонредни финансиски трошоци околу конкретната еко-акција..
Во последните два месеца, според општинските власти, досега не се изречени санкции, ниту пак има пријави кои се однесуваат на правни лица. Изречени се опомени на физички лица за палење огнови на отворено и несоодветно фрлање отпад, по што локациите се санирани.

запалено ѓубриште од дива депонија
КОЈ ГО ПРАВИ ЃУБРЕТО?
Според податоците на Јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена„ Скопје, во месец декември, 2017 година собрани се и транспортирани над 11.713 тони комунален отпад или просечно 378 тони дневно. Во споредба со истиот период во 2016 година кога биле подигнати 11.100 тони, што е зголемување од 5,52%. Овој отпад се носи во единствената депонија Дрисла, која минимално ги исполнува критерумите на ЕУ. Таа е изградена и отворена од Градот Скопје во 1994 година и се наоѓа на 14 километри од центарот на метрополата.
Депонијата се простира на 76 хектари и е со проектен капацитет од 26.000,000 кубни метри простор за депонирање на комунален отпад. Таа би требало да биде наполената за околу 30 години, но според досегашната експлоатација е пополнета нешто над 33 проценти.
За жал нема веродостојни бројки, колку смет, отпад се собира од дивите депонии на територијата на Градот Скопје и особено од нашите целни групи, општините: Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром.
Во нашата држава, има констатирано околу 1.000 диви депонии, бројка која беше фукционална за време на големиот пожар на депонијата во Струга.
Колку време му треба на самоуништување на отпадот?

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на создаден комунален отпад во нашата земја во 2016 година изнесувал 796.6585 тони, што значи годишно еден жител правел 376 килограми ѓубре.
Така на пример, за споредба, речиси по истиот или сличен менталитет, во соседството во Србија, има повеќе од 3.500 таргетирани диви депонии.
Исто така, од таму ни пристигаат информациие дека во Белград, дневно по глава на жител се генерира 1до 2 килограми отпад.
Во целата држава, просечно на годишно ниво едно лице создава 300 до 400 килограми ѓубре. За да се приближат до минималните стандарди на ЕУ, на полето на екологијата во Србија се потребни инвестиции околу 25 милијарди евра.
НЕМА РЕЗУЛТАТИ БЕЗ ГРАДЕЊЕ НА…
Имајќи го во предвид проблемот со појавата и ширењето на дивите депонии и лошите ефекти кои тие ги имаат кон животната средина и здравјето на луѓето, од големо значење е градењето на соработка помеѓу граѓанските организации, новинарите и медиумите во делот на истражување на проблемот со дивите депонии и подигнувањето на свеста на сите чинители на заедницата за активно вклучување во заштитата на животната средина.
Во таа насока, преку водење на заедничка кампања наменета за граѓаните и објавување на ваков вид новинарски истражувачки стории, ќе се придонесе кон подигнување на јавната свест за потребата од активно учество на сите чинители во создавање на здрава животна средина. Откривањето на дивите депонии и посочувањето на загадувачите во „реално време“, со доставување на информациите споделени од граѓаните (најчесто преку социјалните медиуми) до надлежните институции во вид на формални претставки од страна на граѓанските организации, ќе придонесе за поголема мобилност и одговорност на институциите за навремено решавање на проблемите.
Токму затоа, граѓанските организации се оние кои треба да градат партнерство со граѓаните и да ги застапуваат нивните интереси во општествената заедница, а ние како медиуми сме тука да отстапуваме простор.
Автор: Кокан Стојчев
