Тасева за извештајот на Стејт департментот: Причината поради неефикасноста е високата корупција и влијанијата од бизнис и политичките кругови

од Nikola Popovski
366 прегледи

Корупција во власта, отсуство на судска независност и напади врз новинари, се само дел од забелешките во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права во Македонија во изминатата 2022 година. Во него стои дека Владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција. Сепак се додава дека јавните анкети постојано ја наведуваат корупцијата како една од главните грижи за граѓаните во Македонија. Во него, меѓу другото се наведува дека иако во земјата има закон кој предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, сепак постојат извештаи за функционери кои се вмешани во корупција.

Стејт департмент

Дел од јавноста смета дека нема ништо ново во извештајот на американскиот Стејт департмент. Претседателката на Здружението Транспаренси интернешнал- Македонија, Слаѓана Тасева, во разговор за „Локално“ вели дека веќе подолго време корупцијата се споменува како еден од најголемите проблеми.

-Веќе се добро познати и критичните точки за ефикасна борба против корупцијата, а тоа се јавното обвинителство и судството. Владата треба да преземе сериозни мерки за целосна промена на состојбата во правосудниот сектор, истакнува Тасева.

Според неа, причината поради неефикасноста е високата корупција и влијанијата од бизнис и политичките кругови.

-Високата корупција е и висок економски криминал, перење на пари и нелегални движења на парите стекнати по пат на корупција. Владата треба да се определи за целосна реформа во правосудството, вклучувајки ветинг, порачува Тасева.

Додава дека „нашите пријатели од САД треба да ги искористат правните механизми кои им стојат на располагање од меѓународното право и нивното национално право, за да поведат постапки против корумпираните поединци овде“.

-Листите кои се споменуваат треба да бидат поткрепени со одговорност за постапките, децидна е претседателката на Транспаренси интернешнл.

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски вчера го коментираше извештајот и порача дека е многу важен и корисен за нас и ваквите документи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството.

-Колку што успеав да го разгледам, има повеќе пораки што може да се извлечат од него, а и дел од нив веќе сме ги адресирале. Таму децидно се потенцира напредокот во многу области, кои и ние треба да ги истакнеме, не заради пофалба, туку за охрабрување на сите фактори и актери во државата да продолжат со унапредување и со реформи во своите области. Вакви извештаи треба да се користат во насока на подобрување на сите состојби во општеството, особено во оние кои што ги анализираат, рече Ковачевски.

Н.П.

Слични содржини