Тасевски: ЛГБТИ маршот е еднаков како оние кои ги имаме за правата на работниците и правата на жените

од Vladimir Zorba
688 прегледи

ЛГБТИ+ луѓето не ги уживаат нивните права, и овој марш е порака дека постоечката ситуација во однос на правата е нешто со кое ЛГБТИ+ луѓето не се согласуваат, вели во разговор за „Локално“, м-р Давид Тасевски, психолог и извршен директор на Субверзивен фронт.

Тој појаснува дека сè додека одредена група граѓани е невидлива, „нема да стигне до остварување на своите права“

Смета дека „соопштувањето на сексуалната ориентација секако дека има позитивен ефект посебно на менталното здравје“.

-Долгорочно, прикривањето на сопствената сексуална и емоционална привлечност има негативни ефекти врз менталното здравје кои често се појавуваат и низ психосоматски реакции. Затоа, најпрепорачливо е да се најде безбеден терапевт кој би го водел овој процес со личноста, смета Тасевски.

Отворивте национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица. Која е помошта што може да ја добијат оние лица кои ќе пријават дека се вознемирувани или трпат насилство? 

-Националната ЛГБТИ+ линија (075 241 124) постои скоро 2 години, отворена е со помош на Совет на Европа, и на неа можат да се јават ЛГБТИ+ луѓето, членовите на нивните семејства, но, и стручни тимови од училиштата и центрите за социјална работа. Советувачите на линијата се стручни лица (психолози, социјални работници, психотерапевти), кои обезбедуваат безбедна средина за луѓето кои се јавуваат. Дел од темите кои може да се отворат со колегите кои работат на линијата, се прашања или грижи поврзани со соопштување на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, релациски проблеми, депресивно расположение или анксиозност, вознемирување и малтретирање на училиште, насилство во семејството, проблеми на работното место, дискриминација, прашања поврзани со безбеден секс, итн. Во случај на насилство, се постапува по протокол, зависно од ситуацијата и ризикот за жртвата.

Соопштувањето за својата сексуална ориентација (пред семјеството, пријателите …) често е тежок момент, голем дел од нив решаваат тоа да го сокријат. Која е цената на ваквиот начин на живот? Кои се вашите совети до нив? 

-Соопштувањето е процес кој е предизвикувачки, и е нешто на кое можеби лицето долго време се подготвувало. Можеби поминало долго време без да биде сигурно за сопствената сексуална ориентација, и таа збунетост предизвикува уште поголеми потешкотии, особено доколку младиот човек немал со кој да ја отвори оваа тема, а за жал, сме општество кое не нуди поддршка за младите луѓе каде би можеле да ја отворат оваа тема, да речеме во училиштата, без да бидат осудени. Секако имаме и позитивни примери, меѓутоа за жал, се поретки. Соопштувањето на сексуалната ориентација секако дека има позитивен ефект, особено врз менталното здравје, и тоа се повторува низ сите спроведени истражувања, меѓутоа, тоа е личен процес во кој не би требало личноста да биде туркана. Сепак, добро е да се направи и проценка на евентуални ризици доколку ги има, и што потоа.

Долгорочно, прикривањето на сопствената сексуална и емоционална привлечност има негативни ефекти врз менталното здравје кои често се појавуваат и низ психосоматски реакции. Затоа, најпрепорачливо е да се најде безбеден терапевт кој би го водел овој процес со личноста. Јас сум дел и од тимот кој дава бесплатни психотерапевтски услуги за ЛГБТИ+ луѓето во Скопски квир центар, советувалиште отворено од Субверзивен фронт. На бројот 075 314 123, можат да се јават ЛГБТИ+ луѓе, нивните родители, или оние кои не се сигурни за сопствената сексуална ориентација или родов идентитет, и можат да добијат препорака за терапевт со искуство, или доколку немаат средства, советувалиштето да им додели терапевт од тимот искусни терапевти кои работат кај нас.

Субверзивен фронт ја „лови“дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. При пријавата, какви ингеренции и можности има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација? 

-Во моментов сме ЛГБТИ+ организација кое најактивно работи на пријавувањето дискриминација. Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку се утврди дискриминација или вознемирување, дискриминаторот има можност да се извини, или доколку не го направи тоа, Комисијата има право да започне постапка пред судовите. Комисијата има утврдено дискриминација и вознемирување во 18 поднесени претставки од наша страна, и понатаму следниот чекор е постапката која треба да започне, за оние кои не пратиле извинување за стореното дело.

Колку припадниците на оваа заедница се еднакви и слободни во земјава? 

-Па, не можеме за да кажеме за ниедна група дека е слободна или еднаква, доколку не ги ужива основните човекови права, или пак, истите права како останатите граѓани во едно општество. ЛГБТИ+ луѓето не ги уживаат имотните, пензиски, здравствени права како останатите парови во земјава, а во меѓувреме ги имаат истите обврски и ги плаќаат даноците како сите останати граѓани. Зошто некој би сакал да вложува во системот, доколку потоа не може да си го оствари правото, доколку дојде до ситуација за тоа?

Дали сметате дека воведувањето на сексуално образование во училиштата би ги сменило нештата за ЛГБТИ заедницата? 

-Па, прво ќе смени за сите деца, затоа што прво, скоро прочитав едно истражување кое вели, дури 62,7% потврдиле дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Претходно имавме истражување во кое загрижувачка бројка на девојчиња го нормализираат насилството, а УНИЦЕФ ни вели дека 8 од 10 родители користат насилни методи при воспитување на своите деца. Во една ваква ситуација, ако сакаме здрав и стабилен систем, државата е одговорна, и покрај притисоци од одредена група, да продолжи со програми за превенција на насилство. А, подоцна, ефектот од програмата ќе ги смени нештата и за ЛГБТИ+ младите кои нема да бидат честа мета на насилство во училиштата.

Се одржa викенд на гордоста, сега следува парада. Колку овие настани променија некои работи (во општеството) се буди ли свесноста? 

-Целта на овие настани е видливоста. Сè додека одредена група граѓани е невидлива, нема да стигне до остварување на своите права, и тоа го гледаме низ историјата со различни групи луѓе. Имаше реакции периодов од антиродови движења околу Прајдот, па и дискусии дали требало да се дозволи ваков марш, иако правото на јавно собирање е загарантирано во Уставот и во посебен

Закон за јавни собири, така што, не знам зошто воопшто се дискутира, и како повторно некој се осмелува да ускрати загарантирано право, само бидејќи има дискриминаторски ставови. ЛГБТИ+ луѓето не ги уживаат нивните права, и овој марш е порака дека постоечката ситуација во однос на правата е нешто со кое ЛГБТИ+ луѓето не се согласуваат. А, ова го повторувам постојано, овој марш е еднаков како оние кои ги имаме за правата на работниците, правата на жените, итн. Обидот да се претстават ЛГБТИ+ луѓето како некои кои се против семејствата, е смешно и исклучително нискоинтелигентно, бидејќи сите ние имаме свои семејства и не сме донесени однадвор. А, во меѓувреме, јас би ги запрашал оние кои се организираат за „контрапротестите“ поради организација за маршот за видливост на ЛГБТИ+ луѓето, дали е вистина дека се финансирани преку екстремистички групи надвор од Македонија?

Знам дека нема да добијам одговор, бидејќи тие често одбиваат да излезат јавно со имиња и презимиња, што е доказ за свесноста за нивните незаконски и дискриминаторски постапки. За разлика од нив, ние сме транспарентни во нашите цели, активности, финансирање, и секако, излегуваме со имиња и презимиња, бидејќи нашата работа е во рамките на законите. И повторно е ова нешто за кое имам пишувано, и ќе го повторам, доколку овие групи беа вистински заинтересирани за ситуацијата во Македонија, ќе ги видевме активно вклучени и во борбата против корупцијата, кршењето на законите, во борбата за почитувањето на човековите права на сите граѓани, итн.

Б.М.

Слични содржини