Тасевски: Не се исклучува можноста за затворање на воздушниот простор додека не се реши случајот со нападот на вработени во М-НАВ

од Vladimir Zorba
291 прегледи

Одлука за штрајк на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) се очекува вечерва како мерка додека не се реши случајот во кој беа нападнати контролори на летање вработени во М-НАВ, изјави претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски.

Во вечерашното гостување на Сител Телевиција, Тасевски рече дека овој настан, како што кажа, кај нив предизвикал дополнителен гнев и не се исклучува можноста за затворање на небото.

– Доцна вечерва ќе се одржи состанок каде што не се исклучува можноста за затворање на комплетен воздушен простор сѐ додека не се казнат сторителите на денешниот настан. Бидејќи пред сѐ мора го заштитиме секој наш контролор за летање како колега, секој вработен во оваа фирма, како и патниците кои прелетуваат, рече Тасевски.

Затворањето на небото, како што дополни, би значело дека авионите кои што вообичаено прелетуваат преку нашите воздушни граници, ќе мора да го заобиколат нашиот воздушен простор.

– Низ периодот наназад, нашите отстапки што ги правевме во врска со штрајковите кои ги најавуваме, ги правевме затоа што длабоко посакувавме, иако не бевме секој пат уверени, дека работите ќе се сменат во позитивна насока, од една страна. Од друга страна, секој пат сакавме да излеземе со разбирање спрема нашите граѓани кои што се најмалку виновни да ги плаќаат последиците од таква активност како што е штрајк, бидејќи тие ќе бидат тие што не можат да патуваат, дополни тој.

На прашањето дали после сите овие случувања, ние како обични граѓани, треба да се качиме во авион, Тасевски одговори „да“.

– Контролорите на летање нема да дозволат ништо да се случи на ниту еден авион. Нашите заложби се токму во таа насока патниците да можат да патуваат секаде во светот. Во првиот момент кога ќе почувствуваме дека не можеме да ги бајпасираме сите околности што се случуваат околу нас, ќе речеме стоп, рече тој.

Слични содржини