Времената мерка, како што гледавме со нашите правници, односно тужбеното барање од страна на М-НАВ воопшто не е барање за времена мерка. Тоа е барање за вклучување во постапка која треба да трае на рочиште и на таа постапка, со изложување на докази од двете страни, се увиди дали е навистина се испочитуванo и имаме право на штрајк или едноставно ако немаме, судот накнадно да донесе одлука дека тој штрајк не може да се спроведе како таков и треба да се прекине, изјави денеска претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски откако вчера М-НАВ соопшти дека Основниот граѓански суд го забрани најавениот штрајк на контролорите.
Според Тасевски, во решението што е доставено од Судот, е наведено дека самиот суд цени како барањето на тужителот го смета за времена мерка што е спротивно на закон.
-Нашите правници денеска ги формираа приговорите и одговорот на тужбата и жалбата кои ќе бидат доставени. За ова ќе се обратиме и до Републичкиот судски совет каде што ќе се бара нивно разгледување и ќе се поднесе претставка и против судијката која што го водела предметот. Исто ќе биде контактиран и претседателот на Судот за да извести за ова и ќе бараме повторно да биде вратен на рочиште самиот овој предмет, за на таков начин се дозволи нашата одбрана да ја изложиме, кажа тој на денешната прес-конференција.
За Струковиот синдикат на контролорите на летање, во времената мерка како што е донесена во решението, како што пишува, не стои никаков рок што значи дека нема да биде времена мерка туку вика дека „се донесува времена мерка за штрајкот да се прекине“.
-Нема кога да се закаже следно рочиште, ниту дека е закажано – напротив со самото решение вика дека рочиштето закажано за 17.10 се откажува, што се гледа дека е тенденциозно со намера да не ни се овозможи да ја дадеме нашата одбрана, рече меѓу другото Тасевски.