Тасевски за „Локално“: Дедо ми беше основоположник на контрола на летање во Југославија, вработен сум од 95-та со успехот кој што го донесов со оценките од Белград

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Јас сум вработен во М-НАВ уште од 1995 година. Условот да се вработам беше успехот кој што го донесов со оценките од Белград, бидејќи тогаш кога јас конкурирав за вработување, нашата држава немаше план да распише оглас за контролори на летање, вели за „Локално“, претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски по обвинувањата од директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди дека „преку врски“ бил вработен во државната компанија.

Тасевски истакнува дека „директорот заборавил да спомене дека и неговиот дедо бил во компанијата, кој што е основоположник на Контрола на летање за време на бивша Југославија“.

-После завршување на Втората светска војна, тој беше еден од тројцата кои беа ангажирани за да формираат контрола на летање, така да ние фамилијарно од мали деца сме го дишеле овој керозин и оттука ние нашата љубов и страст кон контролата на летање. Секој кој што не познава, знае дека сме за семејство кое нема трунка грешка во работењето. Познати сме како лица во цела Југославија – татко ми бил еден од најстрогите инструктори во тоа време, потенцира претседателот на Синдикатот.

Според него, ова се само обиди на Хамиди да се дефокусира јавноста од она што вистински се случува.

-Брат ми е примен во 1996 година преку конкурс кој што беше за во Луксембург. Полагаше таму и отиде со други лица кои што си ги завршија тестовите и обуките и оттогаш наваму ја тераме работата. Има уште еден мој брат кој што има завршено школа за контрола на летање и завршил радарски курс и никогаш не бил вработен, иако ако сум сакал да потклекнам на притисоците од било која партиска гарнитура наназад, досега ќе сум го вработел, ако ми било целта да се вработи некој од моја фамилија, на смета да се попушти на квалитет и професионализам. Директорот може да зборува колку сака за оваа работа, најмалку може да коментира за професионализмот и фамилија Тасевски, порачува соговорникот.

Околу најавената ревизија во М-НАВ од страна на Владата, Тасевски вели дека му се познати работите.

-Нека си преземат органите на гонење и нека испадне дека ние сме погрешеле и дека целата работа е чиста и нема никакви малверзации. Нека објаснат каде е зградата која што требаше да биде изградена, каде е опремата што 10 години не е инсталирана, иако требало да се заврши многу порано, нека се објаснат како во планирани проекти за поправка на покрив, беа планирани 240 илјади евра, за на крај успееме да го завршиме тоа со неполни 3000 евра да се корегира. Нека си чепкаат ако имаат желба и самите работи ќе излезат на виделина, ни рече тој.

За тоа дали земјава може да претрпи реперкусии од „Eurokontrol“ и дали можеме да бидеме „црна дупка“ на Балканот, Тасевски оценува дека веќе сме „црна дупка“, со самото тоа што поради сите соседни земји, поради новите системите што ги имаат, можат да си дозволат да опслужат поголем број на сообраќај, а ние сме ставени во ситуација да го одбиваме сообраќајот кој што по правило би сакал да лета преку нас.

-Кога ќе погледне човек една слика преку апликацијата „Flight Radar“ или ја гледаме ние на работно место, очигледно е дека сите наши соседи имаат поголем сообраќај, бидејќи ние мораме да ги одбиеме, со оглед дека имаме стар систем и не може да издржи толкава бројка на воздухоплови во исто време, бидејќи претставува опасност дека може да прегрее и да се угаси. Од аспект на ова што се случува во моментов, ова не е првпат момент, туку повторување на некои идиоштини од минатото. Ние сме имале постојано активност во спречување на крах на овој систем. Сите институции го знаат – го знае и ЕУ, што денеска го покажа, го знаат и амбасадите и си го пренесуваат едни на други и самото тоа создава негативна слика за цела наша држава, бидејќи преку тоа се гледаат и работите како функционираат во земјата. Од тие причини избегнувавме да ја инволвираме меѓународната јавност, иако од сам почеток можевме да го направиме, бидејќи се трудевме ова да остане тука, за да не покажеме колку кај нас работите се за неверување за некоја институција, за која не би требало ниту да се замисли, а не па да се случува вакво нешто, тврди Тасевски.

Македонска навигација како давател на услуги во воздухопловството гарантира дека безбедноста ниту била, ниту ќе биде загрозена. Ова го рече денеска Хамиди во изјава за медиумите. Тој меѓу другото го обвини Тасевски за непотизам.

-Господинот Тасевски кажува за непотизам и партиски вработувања, само за да даде дефокусирање на јавноста. Демагогијата е тој самиот е непотизам. Не е својствено на мене да кажува, но веќе ги премина сите граници – неговиот татко беше началник на контрола на летање, тогаш беше примен и тој. Истовремено и брат му работи како контролор на летање. Тројца од една фамилија. Постојат 5-6 кланови во М-НАВ. Зарем јас сум тој што смета на такви кланови во компанијата, да се вработат пак нивните деца? Во оваа држава, според Устав, сите имаат право да бидат вработени, без разлика на етничка и верска припадност. Сите сме граѓани на оваа мала, но преубава република, кажа директорот на М-НАВ.

Синдикатот и во октомври најавуваше штрајк со барање да им се подобрат условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“.

И лани во ноември имаше проблеми со конкурсот за вработување во М-НАВ, откако Синдикатот на контролорите на летање изрази сомнеж дека во државната компанија има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери.

Тогаш од Синдикатот рекоа дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ и директори во агенцијата, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.

Н.П.

Слични содржини