Скопје има воспоставена идеолошка шема наречена дебугаризација. Поради оваа причина, таа се обидува да користи секакви пристапи кои ќе овозможат да се заобиколи основното бугарско барање за зачувување на нашите национални интереси, вели бугарскиот професор Спас Ташев од Институтот за следење на населението и хуманистички студии при Бугарската академија на науки, за БНТ.
„Поминавме низ историјата – ова е силно чувство за секој Бугарин, но стана јасно дека историјата како порака не кажува ништо за нашите евроатлантски партнери, па се направи делумна надградба на пристапот кон Република Северна Македонија. Бугарија го сврте своето внимание кон правата на човекот“, кажа Ташев.
Во тој пристап, како што вели, Бугарија нашла сојузник на кого сѐ уште не му се обрнува неопходно внимание, а тоа се самите македонски Бугари.
„Тие го покренаа прашањето дека се дискриминирани, маргинализирани, нивните деца дури не смеат да одат на училиште затоа што ги исмеваат, се соочуваат со вперен прст и од соучениците и од наставниците, па се обратија до бугарскиот претседател и му ги објаснија сите овие прекршувања“, објаснува Ташев.
Според него, нивните барања наидоа на одѕив и за прв пат пред два месеци во Словенија, претседателот Радев многу јасно ги формулираше бугарските цели – т.н. „Пристап 5+1“.
Во разговорот за БНТ Ташев уште нагласува дека човековите права се во центарот на бугарските цели и додава дека земјите на чија агенда беше членството на Северна Македонија во ЕУ почнале да покажуваат некакво разбирање за Бугарија.
„Сметам дека со таков пристап Скопје нема можност да маневрира настрана, бидејќи не може да одбие да ги исполни барањата“, вели тој.
За Ташев уште еден дискриминаторски пристап е изјавата на премиерот во оставка Зоран Заев кој не негира дека во земјава има Бугари, но ветува дека ќе им бидат дадени права кога земјата ќе стане членка на ЕУ.
Меѓу серијата обвиненија кои ги изнесува е и тврдењето дека Македонија води медиумска војна, финансирана од владата во Скопје, која шири лажни информации за Бугарија.
„Еден од условите што ги поставува Бугарија е да се престане со говорот на омраза“, вели тој.
Ташев уште е дециден дека и за темата „историја“ Бугарија не само што нема да отстапи, туку и ќе ја надградува.