Ташев за „Локално“: Би било добро Ковачевски и Петков заедно да го посетат посредникот Макрон

од Nikola Popovski
512 прегледи

Бугарската новинска агенција БГНЕС вчера објави текст во кој стои дека бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев ќе отпатуваат во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која Бугарија и официјално ќе го крене ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ. Агенцијата додава дека Макрон ветил сите барања на Бугарија ќе бидат вметнати во преговарачката рамка што е спротивно на копехашките критериуми.

„Ова практично значи дека целосно му веруваме на Макрон, но во исто време ризикуваме да западнеме во децениски спор, бидејќи секоја од земјите-членки ќе може да блокира каква било одлука. Тоа ќе биде бесконечен спор и не сакаме турска верзија“, изјавил еден од учесниците на владиниот коалициски совет, кој се одржа во петокот во Софија.

Историчарот и член на Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките, д-р Спас Ташев во разговор за „Локално“, вели дека може да има вистина во ваквите пишувања на агенцијата.

-БГНЕС е агенција на која може да ѝ се верува. Од информациите што таа ги објави, разбрав дека тоа е можност за која се разговараше на последниот коалициски совет на 4-те владејачки партии, што се одржа на 27 мај. После тоа, сепак, не беше потврдено од никој друг. Очигледно, вакво нешто е разговарано, но тешко дека има нешто поконкретно, коментира Ташев.

Според него, идејата за странско посредување во преговорите меѓу Софија и Скопје не е нова.

-Веќе неколку месеци циркулира опција за посредување и гаранции од ЕК дека ќе се исполнат барањата на Бугарија, во замена за што Софија ќе го укине ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Но бидејќи ЕК е колективно тело и одговорноста е споделена, т.е. во голема мера нејасна, таков план во оваа фаза не е поддржан од Бугарија, оценува Ташев.

Историчарот додава дека опцијата францускиот претседател Макрон да биде посредник и гарант е релативно нова.

-Ова е прашање на личен авторитет, лични гаранции и лична одговорност. Поради оваа причина, ваквата идеја заслужува внимание, но детали за неа нема. Јавноста не знае дали и за што е разговарано, какви обврски се преземени, кои рокови се поставени. Затоа, за да се реализира, потребно е да се има прелиминарна дипломатска подготовка, да се прецизираат бугарските барања и запознавање со деталите на француската и македонската страна, укажува Ташев.

Ташев истакнува дека залудно е потрошено многу време, а периодот до крајот на јуни, кога завршува француското претседателство, е прекраток за да може да се направи толку голема работа и да се крене ветото.

-Бидејќи има многу нејаснотии, така е и оваа тишина. Но, најверојатно оваа идеја нема да се реализира до крајот на јуни. Меѓутоа, доколку Софија и Скопје усвојат таков пристап во иднина, би било добро заеднички бугарско-македонски делегации да ги посетат потенцијалните посредници, не одделно, туку заедно. Така многу полесно ќе се надмине недовербата, позициите и постапките на двете земји ќе бидат споредливи и со тоа ќе се елиминираат обидите на оние кои сакаат Скопје и Софија засекогаш да останат одвоени. Стратешката цел на Бугарија е сосема поинаква – Северна Македонија да раскине со злобните практики и зависности наследени од тоталитарното минато, а потоа двете земји да бидат заедно во ЕУ, заклучува Ташев.

Бугарскиот премиер Кирил Петков ниту потврди, ниту ги демантираше пишувањата дека ќе ја посети Елисејската палата во следниот период. Според него, сите работи од спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија се во рацете на дипломатите.

-Не можеме да потврдиме ништо во однос на чекорите. Но она што го потврдувам за да се избегнат секакви злоупотреби, пред што и да се направи, независно што ќе се договорат дипломатите, ќе оди низ Собранието и инстируцијата е последната инстанца и нема да има ништо тајно или скриено од бугарскиот народ, изјави Петков.

Понатаму тој вели и дека тоа што ќе се случи со Северна Македонија зависи и од Европа, до кој степен би ги прифатила условите кои се многу важни за Бугарија.

Н.П.

Слични содржини