Ташковски наредил увид во работата на полицијата за двојното убиство на Вања и Панче

од Nikola Popovski
367 прегледи

Увид во работата на МВР во случајот со двојното убиство што на почетокот на декември ја потресе земјава, за кое главен обвинет е Љупчо Палевски, наредил техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во синоќешното интервју за ТВ 24, Тошкоски не сакаше да открие повеќе детали, освен дека се сомнева во начинот на кој МВР постапило при разоткривањето на случајот и наредил истрага за да се види дали полицијата постапила по сите процедури и стандарди.

„Каков и да е исходот од внатрешниот преглед, јавноста ќе знае. Моите сомнежи можеби се неосновани, но оваа тема мора да се затвори“, посочи Тошковски, кој прецизира дека неговите сомнежи настанале откако ја презел функцијата министер за внатрешни работи, а целта на увидот е детално со факти и аргументи да се провери дали се почитувани процедурите од оваа истрага.

Обвинетиот за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчева и 74-годишниот Панче Жежовски, се уште е во Турција, каде што е уапсен по распишана меѓународна потерница. Министерот за правда Кренар Лога пред неколку дена изјави дека судската постапка за неговата екстрадиција е завршена и Палевски наскоро ќе биде екстрадиран во Македонија.

На почетокот на декември, по еднонеделна потрага по 14-годишната Вања, тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција заедно со директорот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски соопшти дека ученичката била пронајдена мртва. Спасовски тогаш соопшти дека се работи за двојно убиство, бидејќи Вања била киднапирана во автомобилот на 74-годишниот Жежовски, кој исто така бил пронајден мртов, а откако била застрелана, автомобилот бил запален. Полицијата уапси тројца осомничени, а главниот осомничен Љупчо Палевски-Палчо ја напушти земјава во правец кон Белград, од каде транзитирал низ Бугарија и бил пресретнат и уапсен во Турција. Обвинение е покренато и против човекот кој го превезувал Палевски од Белград во Турција, а во притвор е и таткото на Вања, кој наводно на обвинетата група ѝ дал информации за движењето на девојчето.

Слични содржини