„Татко ми по цел ден ја носеше „петката“ на Зидан, а сега јас го носам тој број“: Белингем откри интересна приказна

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Легендарниот Зинедин Зидан е причината поради која Џуд Белингем го зеде дресот со број пет кога дојде во Реал Мадрид минатото лето, што и самиот го призна, а сега англискиот репрезентативец откри уште една интересна приказна.

Говорејќи за тоа колку го цени поранешниот фудбалер, а потоа и тренер на тимот од „Сантијаго Бернабеу“, поранешниот првотимец на Борусија Дортмунд истакна дека и неговиот татко бил воодушевен од Французинот.

„Татко ми секогаш се шеташе низ куќата облечен во дрес на Реал Мадрид со бројот пет и Зидан на грбот. Се разбира, тогаш немав поим кој е тоа. Го прашав да објасни кој е тој човек и тој ми кажа дека еден ден кога ќе пораснам ќе ги гледаме неговите потези на YouTube и сега сме во ситуација кога го носам истиот дрес со бројот пет“, рече Белингем.

Младиот Англичанец оваа сезона прерасна во вистински лидер на Мадрид, за кого постигна 18 првенствени гола на 26 натпревари, а 22 во сите натпреварувања.

Белингем ќе има можност да го зголеми голгетерскиот биланс веќе во среда навечер, кога Реал во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите ќе го пречека Баерн Минхен, откако првиот меч заврши без победник.

Слични содржини