Татко на загинато девојче во „Пулс“: Надица беше земена од корупцијата, од институции што потфрлија и од луѓе што свртеа глава

Александар Наунов кој е и претседател на Здружението „16 Март 2025“, со солзи во очите рече дека неговата ќерка утре на 28-ми декември требала да наполни 18 години

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Гласно.мк

Денеска на 35-тиот Марш за ангелите во Кочани, еден од родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што неговата ќерка Надица ги имала за иднината.

Александар Наунов кој е и претседател на Здружението „16 Март 2025“, со солзи во очите рече дека неговата ќерка утре на 28-ми декември требала да наполни 18 години.

-Таа не замина по божја волја, таа беше земена од корупцијата и системот што требаше да штити, а не да убива, од институции што потфрлија, од луѓе што свртеа глава, од полиција и власт што дозволија смртта да стане секојдневие. Од тој ден јас не живеам како порано, јас опстојувам. Како татко што останал без срце, единствена моја молба до Господ е да ми даде сила и живот да го дочекам денот кога ќе се избориме за правдата за моето дете и сите деца. Сакам да видам лицата на оние што ги убија нашите соништа и сакам да платат за своите гревови, рече таткото во изјава за медиумите.

Таткото, меѓу другото, истакна и дека ќе се бори секој ден додека не дојде денот за правдата.

Случајот паралелно влегува и во судска фаза што јавноста ја следи со зголемени очекувања. Во големата судница во Идризово во тек е судски процес против 35 физички и три правни лица, обвинети за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето започна на 19 ноември, завршните зборови завршија и на последното рочиште почна изведувањето на првите сведоци. Според досегашниот тек, обвинетите – меѓу кои сопственикот на објектот и блиски лица, поранешни инспектори од повеќе институции и поранешни министри – се изјасниле дека не чувствуваат вина, а одбраната ги поставила рамките на аргументите со кои ќе настапува.