Таткото на Фросина бара одговорност: „Злото во полна сила, уште бараат од Врховен да ја намали ниската казна“

„Што требаше друго да ѝ стори на ќерка ми за да добие максимална казна”, вели таткото на усмртената Фросина откако Врховниот суд ја потврди казната за Јованов од 13 години

од Nikola Popovski
81 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Откако Врховниот суд го одби барањето за вонредно преиспитување на пресудата за Васил Јованов, осуден за сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова, со реакција се јави таткото на Фросина. Смета дека е непримерно да се бара намалување на казната.

„Аздисани убијци – ЗЛОТО во полна сила… Па уште бараат и од Врховниот суд да им ја намали и онака ниската казна… Само 65% од максималната…

Па што ли требаше друго да стори од она што веќе и го направи ЛУДАКОВ на Фросинче заедно со друштвото негово, за да добие максимална казна…

И 2% рејтинг многу Ви е… Одговорност за криминалецот Судија Снежана Марковска, одговорност за Судиите од Апелациониот суд…

Одговорност за сето ЗЛО… А ЗЛОТО гајле нема располага со сите криминали и сите криминални пари и судии да купат и наркодилери за убиство да ги спасуваат… До таму стигнавме и тоа ни е реалноста…

Сите недоветни да не прават… ДО КОГА… ОВА НЕ МОЖЕ, ВЕЌЕ НЕ СЕ ИЗДРЖУВА“, стои во јавната објава на Тодор.

Со вчерашната одлука, предметот добива конечен правен епилог без дополнително ублажување на казната.

Јованов беше осуден за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, поради сообраќајката во која минатата година на пешачки премин во Скопје ја усмрти Кулакова. Во медиумските извештаи за случајот се наведува дека возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и минал на црвено светло, додека таа поминувала на зелено.

Првостепениот суд првично му изрече 12 години затвор, но Апелациониот суд подоцна ја зголеми казната на 13 години. Со најновата одлука на Врховниот суд, таа казна останува непроменета и станува дефинитивно затворен исход во еден од случаите што предизвикаа силна јавна реакција.