Таткото на Вања до киднаперите: „Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме“ – откриени детали од кобниот ден

од Љубиша Владимиров
420 прегледи

На улицата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје, во денот кога исчезна 14-годишната Вања Ѓорчевска, едно возило го привлекло вниманието со своето чудно однесување. „Цитроенот не возеше како другите коли – се движеше полека, како да нема цел. Како да бара нешто… или некого“, раскажа Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, на денешното судење за монструозното двојно убиство.

Во сведочењето пред судијата Ивица Стефановски, Ѓорчевски детално ја опиша сопствената приватна истрага која ја започнал веднаш по исчезнувањето на 27 ноември 2023 година. Два дена подоцна, тој и неговиот кумашин Гоце Трајковски започнале сами да собираат снимки од видеонадзор во околината – чекор што, според него, бил неопходен бидејќи „секој момент беше важен“.

„Од кафулето ‘Синдикат’ ни ги пратија снимките веднаш, без двоумење. Помош добивме и од бензинската ‘Окта’ на ‘Партизанска’ и од штедилницата ‘Папилон’ спроти Буњаковец“, рече тој, укажувајќи на тоа дека граѓаните и дел од приватниот сектор покажале повеќе иницијатива од институциите.

Клучен момент во сведочењето беше објаснувањето како сфатиле дека Вања не се движела пеш. „Телефонот не ја издаде – сигналот од ‘гугл мапс’ покажа дека немала време да стигне пеш од ‘Мечос’ до ‘Фитнес хаус’. Значи, некој ја земал“, рече таткото со глас полн со болка и решителност.

Потресен детал откри кога опиша како испратил пораки на мобилниот телефон на својата ќерка, надевајќи се дека киднаперите ќе ги прочитаат:
„Првата порака гласеше: ‘Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме’. Потоа додадов и: ‘Од родителите’ – само за да знаат дека стоиме зад тоа.“

Судењето продолжува, а ова сведоштво фрли ново светло врз клучните моменти од деновите што ја потресоа цела држава. Семејството на Вања сè уште бара правда, а јавноста – вистината.

Слични содржини