Во Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска се одржа јавна седница по жалбата против мерката притвор на Александар Ѓорчевски, осомничен во предметот за убиството на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска. Во жалбата до судот, адвокатот Владимир Туфегџиќ побара укинување на превентивниот притвор. Според него, нема докази дека неговиот клиент ќе влијае на сведоци или ќе се вдаде во бегство.
Тој посочува дека четири месеци не е предочен ниту доказ, а ниту индиција од кој би произлегла основаност на сомневањето за притвор.
Туфегџиќ нагласи дека осомничениот минува низ процес на загуба, а како што рече, досегашното негово однесување е здрава реакција на загуба на своето дете што, како што дополни, е најтешко нешто што може да му се случи на еден родител. Според одбраната, исто така, кривичниот совет ја донел одлуката нејасно, неразбирливо и
противречно самиот на себе без наведени причини.
Бранителот е загрижен и за психичката состојба на осомничениот Ѓорчевски и безбедноста во затворот „Скопје“ во Шутка, каде веќе бил нападнат. Александар во судот изјави дека само сака случајот да заврши и дека потоа ќе реши дали ќе остане на овој свет или ќе ѝ се придружи на Вања.
Одлуката дали ќе продолжи притворот на таткото на Вања ќе биде соопштена за неколку дена, а судија известител и член на советот е врховната судијка Мирјана Лазарова.
Малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември минатата година.