Мрежата на авиолинии од Меѓународниот Аеродром Скопје е побогата за уште една нова дестинација од денеска, 15-ти декември 2025 година.
Виз ер попладнево почна да лета на новата линија од Скопје до Прага со првиот лет кој од Меѓународниот Аеродром Скопје полета во 14:20 часот, додека подоцна вечерва во 19:25 часот авиокомпанијата ќе ги обнови летовите до Келн.
Со заедничка прес конференција, Неџат Курт – Генерален директор на ТАВ Македонија, Н.Е. Јарослав Лудва, амбасадор на Република Чешка, Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини и Андраш Радо, раководител за комуникации во Виз ер и официјално го означија отпочнувањето на новата дестинација.
Оваа авиолинија за Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија е плод на стратешка соработка и посветена тимска работа на надлежни тимови, кои што со упорност и професионалност го направија овој значаен чекор – реалност.
„Прага е град што изгледа како жива бајка – со камени мостови, високи кули и улици што раскажуваат вековни приказни. Од Карловиот мост до Прашкиот замок, секој агол зрачи со историја, уметност и романтика, додека реката Влтава тивко го поврзува минатото со сегашноста. А од денеска, патниците од Македонија ја имаат можноста да станат дел од оваа магија и лично да ја почувствуваат убавината на еден од највпечатливите европски градови.
Со отворањето на оваа рута, не само што нудиме нова можност за патниците и ги поврзуваме двата главни града – Скопје и Прага, туку создадаваме и нови можности за економска соработка, туризам, културни разменувања и развој на деловните врски.
Среќен сум што директната линија ќе ја направи Прага уште подостапна за нашите граѓани и компании, а истовремено, ќе им овозможи и на чешките туристи и инвеститори полесно да ја откријат Македонија“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓу другото, Курт вели дека со отворањето на новите линии од македонските аеродроми се создава стабилна, сигурна и модерна мрежа што ќе ја приближи Македонија со Европа и светот, а новата линија Скопје – Прага е важен дел од таа визија која ќе донесе значајни бенефити за граѓаните, бизнис секторот и туристичката индустрија.
Летовите од Скопје до Прага ќе се реализираат секој понеделник, среда и петок.
А покрај новата рута Скопје – Прага, од денеска Виз ер ги враќа директните летови од скопскиот аеродром до Келн, кои ќе се реализираат четири пати неделно, секој понеделник, среда, петок и недела.