ТАВ: Аеродромите во Скопје и Охрид со 2,4 милиони патници во 9-те месеци од 2023

од Nikola Popovski
207 прегледи

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, бележат пораст од 30% на патничкиот сообраќај за периодот јануари – септември 2023 година во однос на 2022 година и пораст од 15% во однос на 2019 година.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, известува за силен пораст на бројот на патници за периодот јануари – септември 2023 година, кога вкупно 2,4 милиони (2.357.712) патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува годишен пораст од 30% во однос на 2022 година.

Во споредба со 2019, која се смета за референтна година во воздухопловството, како најдобрата година во однос на патничкиот сообраќај пред КОВИД-19, двата аеродрома бележат 15% повеќе патници во периодот јануари – септември 2023 година.

Во однос на бројот на летови за истиот период, годишниот пораст е 19%, односно 5%, споредено со 2022 и 2019, соодветно, или на аеродромите во Скопје и Охрид се реализирани и опслужени вкупно 17.683 летови.

„Ние како ТАВ, навистина сме среќни што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30% за аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Посебно ни е драго што за само 9 месеци од 2023 година, со 2,4 милиони патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродроми не само што ја надминува референтната 2019 година за 15%, туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2% од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година, со новите линии и новите авиокомпании кои влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на рушење нови рекорди”. – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во 2023 година, досега, две нови авиокомпании влегоа на македонскиот авијациски пазар, Lufthansa и Norwegian, со редовни или сезонски летови до Франкфурт, односно Осло.

Во меѓувреме, од скопскиот аеродром SunExpress најави дека чартер летовите до Измир и Анталија ќе продолжат да сообраќаат како редовни летови од претстојната зимска сезона, а Wizz Air започна со редовни летови до Љубљана. Дополнително, AEGEAN, од 2 октомври 2023 година започна да лета до Сараево.

Охридскиот аеродром беше сведок на одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер летови до Белград, на Air Serbia и до Манчестер и Лондон (Гетвик), на TUI.

Најчести дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, според статистиката на патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, за периодот јануари – септември 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома, IGA и Sabiha Gokcen со 10,8% пазарен удел), Базел Милуз (6,1%), Цирих (5,5%), Виена (4,7%), Дортмунд (4,5%), потоа Франкфурт (4,2%), Минхен Меминген (4,1%), Анталија (4%), Малме (2,6%) и Келн (2,6%).

Топ 5 земји со директни летови за јануари – септември 2023 година беа Германија (27,3% удел на пазарот); Турција (16,9%); Швајцарија (13,4%); Шведска (6,7%); и Италија (6,5%).

Што се однесува до учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај за првите девет месеци од 2023 година на скопскиот аеродром, Wizz Air превезе најголем број патници (60,2% удел на пазарот), потоа Turkish Airlines (7,4%), Pegasus Airlines (6,1%), Austrian Airlines (4,7%), Chair Airlines (3,7%).

Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, од охридскиот аеродром е Базел (21,5% удел на пазарот), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации имаат 0,5%.

Во моментов, според распоредот на летови, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 2 авиокомпании летаат до 6 дестинации.

Слични содржини