Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска – 20 декември 2025, од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови.
Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден.
Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен.
Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците.
На веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време, како што информациите стигнуваат во нашите системи.
Нашиот пулт за информации работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот, а нон-стоп работи и нивната телефонска линија, со број: 02 3148 333, каде што патниците можат да се информираат за статусот на нивните летови