Тажна глетка: На бреговите на Уругвај пронајдени околу 2.000 мртви пингвини

од Vladimir Zorba

Околу 2.000 мртви пингвини се пронајдени на источниот брег на Уругвај во последните десет дена, причината за катастрофата се уште не е позната, но не се работи за птичји грип, известија властите, пренесe РСЕ.

Магеланските пингвини, вид кој ја населува Јужна Америка, главно млади, умреле во Атлантскиот Океан пред водните струи да ги однесат во југоисточните оддели Канелонес, Малдонадо и Роча, изјави за AФП раководителот на одделот за фауна во Министерството за животна средина на Уругвај, Кармен Леизагојен.

Според неа, 90 отсто од пингвините се на помлада возраст без масни наслаги и имаат празен стомак.

Таа изјави и дека се направени тестови за птичји грип и дека се негативни.

Овој вид пингвин кој живее на југот на Аргентина мигрира на север во потрага по потопли води во текот на зимата на југ и може да оди до бреговите на југоисточната бразилска држава Еспирито Санто.

„Нормално е еден процент да умре, но не толку“, изјави Леизагојен и потсети дека тоа се случи минатата година во Бразил и дека нема познати причини.

Хектор Кајмарис, директор на заштитената лагуна Роша, изјави за АФП дека изброил повеќе од 500 мртви пингвини на десет километри плажа.

Еколошките активисти ја припишуваат смртта на пингвините на прекумерен риболов и нелегален риболов.

„Од 1990-тите и 2000-тите почнавме да гледаме животни на кои им недостига храна“, рече Ричард Тесоре од невладината организација Marine Fauna Rescue, посочувајќи на преголемата експлоатација на морските ресурси.

Според него, циклонот што се појави во Атлантикот и го погоди југоисточниот дел на Бразил во средината на јули веројатно доведе до смрт на најслабите поединци, поради лошите климатски услови.

Тесоре рече дека покрај пингвините нашол мртви албатроси, галеби, морски желки и морски лавови на плажите во Малдонадо, источно од главниот град на Уругвај, Монтевидео.

Слични содржини