Согласно изготвената анализа за присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ Скопје, утврдена е оправданоста од присоединувањето со што се овозможува поефикасно и економски поисплатливо искористување на производствениот капацитет на АД ТЕЦ Неготино, порационално управување, искористување на оперативниот, производствен и управувачки персонал, информираат од ЕСМ.
Енергетската криза од 2021 година претставува пресуден аргумент за нужноста од интегрирањето на АД ТЕЦ Неготино во рамки на АД ЕСМ Скопје, како од аспект на диверзификација на ризик, така и од аспект на стабилност и континуитет во производството на електрична енергија на државно ниво.
-Исто така треба да се има во предвид дека двете компании се лиценцирани за производство на електрична енергија, па ваквиот предлог за статусна промена – присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ – Скопје е целосно оправдан и реализиран. Кога започна енергетската криза, Владата на Република Северна Македонија даде согласност на АД ЕСМ да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза, и заклучно со 2022 година произведени беа 412.692 MWh електична енергија, а заклучно со 31 Декември 2023 година произведе 346.248 MWh, велат во соопштението.
Од ЕСМ додаваат дека произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, за време на енергетската криза, АД ЕСМ ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел за потребите на АД МЕПСО, а дел ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.
Термоелектраната „Неготино“ почнала да се гради 1974, а изградена е во 1978 година. Последен пат претходно работела во производството на електрична енергија во 2009 година, за во 2022 година по 12 години пауза како „ладна резерва“, во услови на енергетска криза да биде вклучена за само 40 дена.
ТЕЦ Неготино има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.