Веќе трет ден како течат протестите и блокадите на приватните превозници на три критични сообраќајни точки во градот. Засега нема никаква реакција од Град Скопје, ниту абер дeка на повидок средба меѓу градоначалничката Данела Арсовска и преставници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за исплаќање на долгот кој што го бараат од ЈСП Скопје. „Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, засега блокадите остануваат“, потврди вчера директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
Според голем дел од јавноста, најголема штета од ваквиот хаос трпат граѓаните кои не можат да стигнат навреме на своите работни места. Поранешниот член на Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски смета дека е погрешно 600.000 скопјани да страдаат за политички и економски интереси на неколкумина.
-Ленин Јовановски беше еден вид фронтмен на кампањата на Арсовска и очигледно нејзин близок соработник. Судирот меѓу нив започна во исто време со судирот меѓу Арсовска и ВМРО ДПМНЕ и веројатно таму треба да се бара причината за екслацијата. Ако имаат долгови, нека си ги расчистат како и сите останати – преку системот, вели Лазаревски за „Локално“.
Соговорникот очекува драматични слики, но не и ескалација на ситуацијата, иако министерот за локална самоуправа Ристо Пенов изјави дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници и дека нивните автобуси може насилно да бидат тргнати од улиците.
-Се сомневам дека некој ќе организира масовни немири на оваа тема, подвлекува Лазаревски.
Деновиве актуелна е темата и со Бас рапид транзит (БРТ) што го финансира Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а поранешниот советник за него вели дека е само почеток на обмислена реформа на јавниот сообраќај во градот.
-Нуди долгорочно решение, а во исто време остава простор за негово унапредување и воведување на нови сообраќајни технологии. Сегашниот систем на јавен превоз е според студии правени во осумдесеттите години и не одговара на реланите состојби и потреби на Скопјани. Скопје е сосема поинаков град денес. Воведување нови авотбуси во стариот систем нема да ја зголеми неговата функционалност и нема да го направи попривлечен за користење, оценува Лазаревски.
Актуелната советничка во градот Анжелика Апсис во разговор за „Локално“ го оправува правото на протест, но смета дека е премногу да се парализира целиот град.
-Граѓанско право е да се излезе на организиран протест. Но да се парализира цел град тоа е многу голема штета и ја плаќа само граѓанинот, потенцира советничката од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Апсис смета дека не може да се врши притисок врз граѓаните за да биде решене проблемот.
-Граѓаните ја избраа градската власт и очекуваат таа да биде функционална, коментира соговорничката.
По најавите за насилно тргање на автобусите, при што беа спомнувани и „тенкови“ од страна на директорот на „Слобода превоз“, советничката не очекува некакво такво сценарио.
-Не верувам дека може да дојде до ескалација ниту пак некој ќе се обиде да ги тргне со сила поставените автобуси. Во сериозна енергетска криза сме и овој протест најмногу ги чини граѓаните, децидна е Апсис и додава дека БРТ системот е најдоброто решение за Скопје и скопјани.
Н.П.