Течат роковите за приговори за изборниот процес во Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Тетово

од Vladimir Zorba
196 прегледи

Течат роковите за поднесување на приговори за изборите за градоначалник на Центар Жупа и на Маврово-Ростуше и за членови во Советот на Општина Тетово. Доколку има поднесено приговори, Државната изборна комисија би ги разгледала во вторник или среда, а објавувањето на конечните резултати ќе зависи од тоа како ќе се решат и дали ќе има тужби до Управниот суд.

Државната изборна комисија доцна вечерта по изборите во саботата ги соопшти првичните резултати.

Според нив, во Центар Жупа за единствениот кандидат Аријан Ибраим од ДПТМ гласале 3340 гласачи од вкупно 3395 гласачи. Во Маврово-Ростуше, кандидатот на СДСМ Медат Кутровски освоил 3266 гласови, а Мевмед Џафери од ВМРО-ДПМНЕ 1935 гласови.

Во Советот на Општина Тетово, според првичните резултати, најмногу мандати има освоено БЕСА, вкупно 12, по што следуваат ДУИ со 11 мандати, ВМРО-ДПМНЕ со четири мандати и СДСМ со два мандата. По еден мандат во Советот на Општина Тетово имаат освоено Алтернатива и ДПА.

Коалицијата предводена од СДСМ славеше за двојна победа на вонредните локални избори за градоначалник во општините Маврово Ростуше и Центар Жупа, додека пак ВМРО-ДПМНЕ славеше за, како што ја претставија, двојна победа во Тетово, односно дека тие го победиле СДСМ, а БЕСА ја победила ДУИ во Тетово.

Според СДСМ, граѓаните избрале напредок и ги препознале вистинските политики.

– Граѓаните избраа напредок, граѓаните на изборите потврдија дека знаат кој е вистинскиот правец, кој ја води државата напред. Во овие тешки времиња граѓаните ги препознаа вистинските политики и со големо мнозинство ја дадоа својата доверба на СДСМ и коалицијата, на концептот кој создава напредно и развиено општество, европски вредности и европска иднина, истакнаа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои славеа во Тетово, побараа оставка од премиерот и предвремени избори.

– ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ, а БЕСА ја победи ДУИ во Тетово. Владејачката коалиција нема никаков легитимитет да продолжи да ја води државата. Народот јасно кажа дека СДСМ и ДУИ се минато. Очекуваме Ковачевски да го признае поразот и да си поднесе оставка веднаш. Само предвремени парламентарни избори се решение, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поради изборниот неуспех во Тетово и неосвојувањето на ниту еден советнички мандат, вчера неотповиклива оставка поднесе лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

По состанокот на највисокото раководство во Тетово, Села на прес-конференција најави дека повеќе нема да се кандидира за лидерското место во партијата.

Тој информираше дека во периодот што следува, Централното собрание треба да заседава и да одлучи кој ќе биде в.д претседател на партијата.

Слични содржини