Техничка Влада како техничка вода: „Или да имаме гарнитура со непартиски лица или да се укине бидејќи е пародија и карикатура“

од Nikola Popovski
480 прегледи

Во неделата беше избрана третата техничка влада и прва во која премиер е Албанец. Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието го изгласа новиот владин кабинет со обврска да организира фер и демократски избори. Новоизбраниот претседател на Владата, Талат Џафери вети дека ќе работи во интерес на граѓаните и државата. Најави продолжување на владините политики за европска интеграција и планот за раст, а ќе го унапредува и партнерството со ЕУ, САД и НАТО.

Многумина обвинуваат за „триумфализам“ на ДУИ бидејќи помпезно беше прославено поставувањето на Џафери за премиер. Се славеше со пијалоци и со цигари, а имаше и гости-новинари од Албанија и Косово. Дел од аналитичарите сметаат дека ова е логично согласно нивната етнонационалистичка политика и логика во изминативе 22 години колку што функционирааат на македонската политичка сцена, а со тоа и кај власта. Целта е, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, да покажат дека ДУИ полека, но сигурно ги освојува највисоките државни функции и тоа си го пропишува како нејзина партиска, односно лична заслуга на лидерот Али Ахмети.

Благојче Атанасоски

Во однос на тоа дали ова е прво и последно застанување на Албанец на чело на земјата или е само почеток, Атанасоски за „Локално“ посочува дека ако ги прашате ДУИ и нејзиниот лидер, ова е само почеток за да се подготви македонската политичка, но и општествена јавност, дека во иднина освен технички, Македонија ќе добие и политички премиер Албанец и дека тоа е „нормално“ во мултиетничка држава како Македонија.

-Ако ги прашате останатите политички партии од македонскиот политички блок, па дури и СДСМ, тоа во догледно време би било невозможно, бидејќи ДУИ е секогаш помал коалициски партнер во сите извршни власти. Сепак во Македонија, особено на политичката сцена никогаш не треба да се вели никогаш, објаснува аналитичарот.

Тој е дециден дека техничката влада во Македонија е се само не техничка, туку е хипер политичка, односно оценува дека повторно ќе се изнагледаме обвинувања, препукувања и партиски подметнувања, наместо техничко спроведување на изборите.

-Во суштина, таа ја губи својата првично замислена намена да биде коректор на власта за да се спречат евентуални предизборни и изборни манипулации од владејачките партии како што беше замислено со нејзиното воведување пред изборите во 2016 тата година. Или треба во иднина да имаме вистинска техничка влада со непартиски технички лица, или треба да се укине бидејќи е повеќе пародија и карикатура одошто вистинска техничка влада, објаснува Атанасоски.

Околу тоа што ќе донесе владината коалиција на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, соговорникот дека „Франкенштајн коалиција“ која во моментов е само таква за предвидените 100 денови пред изборите, може да биде и политичка постизборно ако математиката го наложи тоа.

-Односно да биде политичка влада составена од сите овие партии како влада која ќе мора да ги спроведе консензуално уставните измени за внесување на Бугарите како услов без кој не се може да се продолжат македонските евроинтеграции. Сепак непознатите Х во македонска постизборна равенка се многу, и ќе видиме како ќе се решат после изборите на 08 мај, тврди Атанасоски.

Поранешниот актер на политичката сцена и бивш претседател на Собранието, Тито Петковски прави споредба меѓу техничката влада со техничката вода. Според него, техничката вода луѓето не ја пијат, но со неа многу валканици можат да се измијат.

Тито Петковски

Вели дека „техничкиот пак премиер му личи на техничка грешка во кошарката“.

-Тимот оштетен со техничката грешка има право на слободни фрлања и топка од страна, за нов напад.
Останува нејасно, кој ја направи техничката, СДСМ или ДУИ? По оној триумфализам, егзалтација и гламурозно прославување што го организира ДУИ во чест на техничкиот премиер, се чини дека техничката грешка е свирена на СДСМ.

ДУИ продолжи да игра уште по агресивно. Само што седна техничкиот премиер во техничката фотелја, истиот ден Али Ахмети и останатите лидери на партиите од албанскиот политички кампус, фатија џаде за Приштина. Отидоа по совет кај Албин Курти, таткото на сите Албанци од Македонија и Косово, како да играат по натаму, истакнува Петковски.

Наведува дека „многу мала им се виде победата со техничкиот премиер, па сега, заедно со Курти, коват план за претседател на Македонија“.

-Сите, освен Ахмети, сметале дека сега му е мајката да се влезе во игра за претседател. Ахмети како најискусен играч, малку го разочарал целиот тим во Приштина, советувајќи ги да не се истрчуваат туку така, бидејќи се уште е рано за голема победа. За да се добие натпреварот,треба да се игра,тактички мудро,стрпливо
и со долготрајни напади,мудрувал Али, оценува поранешниот политичар.

Само во едно сум сигурен, додава тој, граѓаните или народот,како што велат денешните политичари ,веќе се исфрлени од игра.

Н.П.

Слични содржини