Тел Авив е најскапиот град во светот, Дамаск е најевтин

од Vladimir Zorba

Тел Авив е најскапиот град во светот за живеење поради зголемената инфлација, која влијаеше на зголемувањето на трошоците ширум светот, покажува истражувањето објавено денеска.

Градот порано го заземаше петтото место, а сега дојде и до првото место делумно поради вредноста на шекелот во однос на доларот и поскапувањето на превозот и намирниците, се вели во анализата на британскиот весник „Економист“.

Следат Париз и Сингапур, потоа Цирих и Хонг Конг, на шесто е Њујорк, а на седмо Женева, пренесува Франс прес.

Меѓу првите десет се и Копенхаген, Лос Анџелес и Осака.

Минатата година првото место го делеа Париз, Цирих и Хонг Конг.

Годинава беа собрани податоци во август и септември кога цените пораснаа и покажуваат дека просечниот раст е 3,5 отсто во локални валути, што е највисока стапка на инфлација забележана во изминатите пет години.

Ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирусот го нарушија снабдувањето со стоки, доведоа до недостиг и повисоки цени, рече Упасана Дат од Економист, објаснувајќи дека ова влијание е јасно видливо оваа година и дека цената на нафтата е зголемена.

Главниот град на Иран се искачи од 79-то на 29-то место, меѓу 173 градови во кои беа споредени цените на стоките и услугите, поради американските санкции кои влијаеа на растот на цените и недостигот.

Дамаск е означен како најевтин град во светот, објавија израелските медиуми.

Слични содржини