Телата на загинатите патници од аеродромот ќе бидат предадени на семејствата

од Берта Китинска
273 прегледи

Министерството за надворешни работи информираше дека има промена во часот при пречекот и испраќањето на загинатите од автобуската несреќа во Бугарија до нивните домови и вечни почивалишта. Телата од аеродромот ќе бидат пренесени во домовите на семејствата, односно нема да има поворка која требаше да помине пред плоштадот Скендербег.

„Почитувани, ве известуваме дека посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта“, велат од Министерството.

Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот.

Првиот вицепремиер Артан Груби информираше дека МНР, МВР и МТВ се одговорни за целата церемонија на пречек и транспорт на телата на загинатите од автобуската несреќа во Бугарија.

-Ќе има голем број на високи гости од регионот. Кај салата Борис Трајковски ќе бидат преземени посмртните остнаки од семејствата. Целата организација е во координација со нивните блиски. После петочната молитва, верувам дека тие ќе бидат погребани во нивните вечни почивалишта, рече Груби во емисијата „24 анализа“.

Тој исто така информира дека целиот настан ќе биде пренесуван на Националниот сервис.

-Нема ништо поразлично од тоа што би се случило во било која околност, со или без пренос на МТВ. Не правиме ништо надвор од вообичаеното. Само сакаме да искажеме почит и сочувство со семејствата на загинатите. Не правиме спектакл од настанот, одговори Груби на прашањето, дали е премногу да се организира поворка со камионите во кои ќе бидат ковчезите на загинатите и целиот предвиден настан.

Во несреќата на патнички автобус со скопски регистарски таблички, што се случи на 23 ноември на патот „Струма“, близу градот Перник, загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени. Туристичкиот автобус, во кој главно имало македонски државјани, се запали ноќта меѓу 22 и 23 ноември на враќање од Истанбул во Скопје.

Слични содржини