Телефон кој ве препознава дури и додека носите маска (ФОТО)

од Nikola Popovski

Повеќето модерни паметни телефони денес имаат опција за препознавање лице што ви овозможува брзо да го отклучите телефонот со поглед, без да треба да внесувате код, лозинка или да го ставате прстот на сензорот.

Во времето на пандемијата, бидејќи носењето маски стана секојдневие, логично е повеќе од половина од лицата да не се видливи, па на паметниот телефон му е потешко да ја изврши командата за отклучување на екранот преку препознавање.

Како дел од бета верзијата на оперативниот систем iOS 15.4, која е наменета за програмери, беше претставена опцијата за препознавање лица, дури и кога корисниците носат маска, пишува „9to5mac“.

Кога ќе биде достапна нова верзија на iOS, корисниците прво ќе мора повторно да го скенираат своето лице додека ја носат маската. Она што е важно да се нагласи е дека, освен за отклучување на телефонот, Face ID додека ја носите маската може да се користи и за потврдување на мобилни плаќања, како и за активирање на апликации за кои е потребна оваа опција.

Сепак, опцијата за користење на Face ID додека ја носите маската нема да им биде достапна на сите, туку само на корисниците од последните две генерации телефони на „Apple“ – iPhone 12 и 13.

Официјалното лансирање на надградената верзија на мобилниот оперативен систем на „Apple“, која ќе ја има оваа опција, се очекува во текот на пролетта, пренесува Јутарњи лист.

 

Слични содржини