Тело на момче пронајдено завиткано во фолија во Дунав, Интерпол бара помош

од Stefanija Kuzmanovska
622 прегледи

Интерпол побара меѓународна помош за идентификација на тело на момче кое било пронајдено завиткано во фолија и врзано за камен во реката Дунав во Германија.

Посмртните останки на детето биле откриени на 19 мај минатата година во Баварија, а не е познато колку долго телото било во водата. Истражителите веруваат дека тој имал меѓу пет и шест години и дека веројатно дел од времето го поминал надвор од Германија.

Германските власти побараа од Интерпол т.н црно известување за 185 земји членки на оваа организација.

Момчето било високо околу 110 сантиметри и тешко околу 15 килограми, имало кафена коса и нулта крвна група.

Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол, рече: „Преку ова црно известување, Интерпол ја повикува глобалната заедница за спроведување на законот да ги провери базите на податоци и да се консултира со отворени или нерешени случаи. Некој, некаде, знае нешто за ова момче, па подеднакво е важно одредени детали да бидат јавно објавени. Без разлика дали тој е жртва на трговија со луѓе, киднапирање или насилство, ние сме посветени да ги мобилизираме сите полициски сили на Интерпол за да го идентификуваат и да им помогнеме на истражителите да ја расветлат неговата смрт“.

Германската полиција, исто така, сака да слушне од секој кој се сеќава на исчезнато дете кое одговара на описот на момчето пронајдено во реката и чие исчезнување може да биде поврзано со случајот.

Тие можат да соработуваат со Интерпол за да им помогнат на роднините кои веруваат дека момчето можеби е член на нивното биолошко семејство да добијат ДНК совпаѓање.

Инаку, црното известување е издадено како дел од програмата „Идентификувај ме“, која беше лансирана во мај за да им помогне на полицајците во Белгија, Германија и Холандија да идентификуваат 22 жени и девојки за кои веруваат дека биле убиени, пишува „Скај њуз“.

Слични содржини