Откако во јавноста се појави името на телохранителот на претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, дека наводно е поврзан со тепачката во Струмица, се огласи и самиот Aлександар Трајков. Тој објави дека не бил дел од таквите случувања.
„Во врска со насловите и шпекулациите пласирани од некои портали, дека сум вмешан во тепање на лице, одговорно тврдам дека не сум бил дел од таквите случувања. Попатно, распрашувајќи се за настанот, добив информации дека “нападнатите лица“ на видео снимката не биле само двајца туку биле 20-тина души од село Баница. Истите претходно извршиле напад на вработени во Казино со дрвја, камења и ладно оружје“, напиша тој на социјалните мрежи.
На Фејсбук страницата „Strumica Online“ денес беше објавено видео на кое се гледа масовна тепачка во центарот на Струмица во која учествувале десетина лица.
Од снимката може да се забележи како неколкумина бркаат еден маж, а потоа со шипки, клоци и боксови го удираат по целото тело додека тој лежи среде улица.
Двајца насилни од групата остануваат со првата жртва и го напаѓаат и продолжуваат со бруталниот напад. Највонезмирувачкиот дел од снимката е кога еден напаѓач доаѓа до легнатата жртва, му ја крева главата и директно го удира во главата додека беспомошниот маж бара помош и лелека.