Кристијано Роналдо е на излезната врата од Манчестер Јунајтед. Според сите информации, менаџерот Ерик тен Хаг нема ништо против да остане без искусниот напаѓач, а управата на „црвените ѓаволи“ да го продаде во летниот преоден рок за 15.000.000 евра, колку што му платија на Јувентус минатата година.
Се чини дека на „Олд Трафорд“ веќе го најдоа наследникот на Роналдо. 37-годишниот би можел да биде наследен од 17-годишниот центарфор на Ред Бул Лајпциг, кој минатата сезона ја мина на позајмица во Ајакс – Брајан Броби.
Според германски „Билд“, Јунајтед веќе започнал преговори со Лајпциг и Броби околу потенцијалниот трансфер на младиот напаѓач. Секако, Ерик тен Хаг ќе биде главната алка во нив.
Менаџерот на Јунајтед го тренираше Броби во Ајакс, минатата сезона со него во тимот ја освои шампионската титула, а младиот напаѓач постигна седум гола на 11 натпревари. По завршувањето на позајмицата се врати во Лајпциг, но летово би можел трајно да се пресели во Манчестер.
Броби има голем потенцијал, сепак, се уште е далеку од нивото потребно за прв шпиц на англискиот гигант, па за очекување е во случај да си замине Роналдо, Јунајтед да реагира и да донесе уште еден, поискусен центарфор.