Тен Хаг го одржа својот прв состанок на кормилото на Манчестер Јунајтед

од Vladimir Zorba
288 прегледи

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг не губи време, а откако во средата ја освои третата титула на Ајакс, вчера го одржа својот прв состанок за планирање на работата на „црвените ѓаволи“. Исклучително е интересно што бил присутен и Стив Мекларен, кој е поврзуван за негов помошник на „Олд Трафорд“, но барем досега клубот нема објавено вакво назначување. Покрај Мекларен, меѓу присутните биле и спортскиот директор Џон Марто и Мичел ван дер Гааг.

Четворицата разговарале за подготовката на „црвените ѓаволи“, а Тен Хаг сакал некои од играчите да се појават две недели порано од првично планираното, бидејќи холандскиот тренер смета дека повеќето од играчите не се во доволно добра физичка форма и им треба многу повеќе тренинзи за да можат да ги исполнат неговите барања. Ваквото мислење во повеќе наврати искажуваше привремениот тренер на тимот Ралф Рангник.

Другата голема тема на која се разговарало било изборот во текот на летниот преоден рок, како и можноста за привлекување на Френки де Јонг од Барселона. Последните денови многу се зборуваше за таков трансфер, а Тен Хаг ќе се обиде да го убеди својот поранешен пулен во Ајакс да премине во Манчестер Јунајтед.

Со преселба на „Олд Трафорд“ се поврзуваа и голем број други играчи, но тоа нема да биде лесна задача, особено што „црвените ѓаволи“ нема да играат во Лигата на шампионите.

Сепак, тимот речиси неизбежно ќе изгледа поинаку, барем до одреден степен, бидејќи на играчите кои играа важна улога во последните сезони им истекоа договорите и се очекува да си заминат.

Станува збор за Пол Погба, Немања Матиќ, Џеси Лингард, Хуан Мата и Единсон Кавани, а се очекува и други играчи да ја доживеат истата судбина.

Слични содржини