Менаџерот на Манчестер Јунајтед очекувано ја започна денешната прес-конференција со коментар за повредата на Расмус Хојлунд.
Нешто порано во текот на денот „црвените ѓаволи“ излегоа со официјално соопштение дека данскиот напаѓач ќе ги пропушти следните две-три недели поради повреда на мускулот.
„Тоа е полесна повреда, тој нема да биде на располагање две или три недели. Тоа е ризикот кога играте со висок интензитет. Не е ништо сериозно, но ќе мора да почека две до три недели. Секако дека овие повреди се проблем, но тоа го имаат и другите клубови. Мора да се справиме и со тоа. Чувствувам дека можевме подобро, но проблемот е што недостасува длабочина во составот. Сега нема да навлегувам во таа дискусија. Се радувам на иднината, а играчите не треба да се задоволуваат со тоа што го имаат, треба секогаш да се подобруваат. Минатата сезона успеавме да дојдеме до третото место во првенството, одигравме две финалиња, видовме настап и на последните натпревари, така што не сме далеку од вистинскиот пат, овој тим има многу добар потенцијал. Повредите можат да им дадат можност на другите играчи да блеснат. Сакаме некои да покажат поголема самодоверба бидејќи некои од нив имаа повреди и не добија доволно можности, а сега треба да покажат поголема самодоверба“, изјави Тен Хаг.
Во врска со Фулам, Холанѓанецот прокоментира дека продолжува да гледа натпревар по натпревар, бидејќи секој натпревар за неговите играчи треба да биде како финале.
„Мораме да работиме натпревар по натпревар, секој натпревар е како финале. Така работиме од јануари, а како што одминува времето, секој поен ќе станува се повеќе вреден бидејќи тимовите се стремат кон повисоки позиции. Веќе стекнавме искуство, што се однесува на некои играчи кои покажаа дека можат да се носат под притисок“, објасни поранешниот тренер на Ајакс.
Уште еднаш, Ерик тен Хаг мораше да одговори на прашањата за новиот косопственик на Манчестер Јунајтед, Џим Ретклиф, кој оваа недела конечно стана дел од тимот.
Холанѓанецот потврдно одговори на прашањето дали британскиот милијардер е вистинската личност за „црвените ѓаволи“.
„Апсолутно. Ние сме многу обединети и ја имаме истата амбиција. Нашето место е во Лигата на шампионите и веруваме дека можеме да го докажеме тоа. Разговараме многу со него, со Сер Дејв Брејлсфорд за клубот, за тимот, за различните структури. Ова целосно ги исполни моите амбиции откако дојдов. Нема повеќе притисок од новите газди бидејќи и ние ја имаме истата амбиција. Овде сум веќе 19 месеци и гледам дека одиме во вистинска насока. Имавме падови во втората сезона, но тимот оди напред, составот се развива, работиме напорно на тренинзите, за време на натпреварите и важно е да имаме играчи во добра форма за да изградиме добар тим. Ќе бидеме уште посилни додека додаваме повеќе квалитет на овој тим. Овие играчи се на вистинска возраст и ќе продолжат да се развиваат, има силна конкуренција“, изјави холандскиот тренер.