Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг полека воведува ред во соблекувалната на „црвените ѓаволи“, објавија британските медиуми. По помекиот пристап на неговите претходници Оле Солскјаер и Ралф Рагник, Холанѓанецот сака со цврста рака да го врати редот на Олд Трафорд.
Така на играчите им забранил алкохол во текот на неделата, а тие ќе имаат редовни мерење и ќе бидат казнети доколку не се во форма, а ги предупреди и за последиците доколку вести од соблекувалната „протечат“ до медиуми.
Им било кажано да не се потпираат на нивните лични готвачи, туку да јадат храна обезбедена од клубот.
– Мислам дека тоа ни недостасуваше некое време. За мене дисциплина не е само како играш на теренот, туку и како се однесуваш надвор од него. Не доцни на состаноци, не доцни на оброци – изјави за „Дејли мејл“ фудбалерот на Јунајтед, Бруно Фернандеш.
Португалецот додаде дека сите мора да ги почитуваат правилата.
– Неговите идеи се јасни, правилата се јасни, само треба да се придржуваме до нив. Мислам дека тоа е многу важно бидејќи ако сите пристигнат на време, а некој доцни, треба да биде казнет – додаде играчот од средниот ред.
Манчестер досега одигра три натпревари на азиската подготвителна турнеја и забележа исто толку победи. Ги совлада Ливерпул со 4:0, Мелбурн 4:1 и Кристал Палас 3:1.