Тен Хаг за мотивите да потпише со Манчестер, потенцијалот на Јунајтед, Роналдо и Мегваер

од Vladimir Zorba
337 прегледи

Ерик тен Хаг ја одржа првата прес-конференција како менаџер на Манчестер Јунајтед.

Во неa, Холанѓанецот зборуваше за мотивите за прифаќање на овој предизвик, потенцијалот на играчите кои моментално се во составот, а конкретно за улогата на големата ѕвезда Кристијано Роналдо и капитенот Хари Мегваер.

Поранешниот тренер на Ајакс вчера го гледаше поразот на Кристал Палас во последното коло во Премиер лигата, а од денеска и официјално почнува да ги извршува своите обврски.

Клубот потврди дека негови помошници ќе бидат Мичел ван дер Хаг и Стив Мекларен.

„Денеска сум многу среќен што ве запознав и што сум овде. Бев пречекан многу топло од сите во клубот. Едвај чекам да се фатам за работа. Ова е веќе мојот дом и сакам да успеам овде. Имам добро чувство поради луѓето околу мене и средбите што ги имав со нив. Имаме план и целта е да го оствариме. Дали ни требаат нови играчи? Сè уште сум во процес на анализа. Сакам да работам со овие играчи. Минатата сезона овој тим заврши на второто место во Премиер лигата, па потенцијалот е огромен“, истакна тој.

„Може ли Јунајтед да се бори за титулата? Не размислувам за тоа во моментов. Мислам дека ова е проект и ќе треба време. Ќе одиме натпревар по натпревар и ќе видиме. Премиер лигата е фантастично натпреварување. Веќе се сретнав со големи тимови и одлични тренери од Премиер лигата, па знам како да се справам со тоа. Јасно е дека Премиер лигата е најголемиот шампионат во светот. Едвај чекам да се борам со сите“.

„Вистината е дека ја прифатив оваа работа, бидејќи покрај фантастичната приказна има и огромен потенцијал за иднината. Во моментов не разговарам со играчите бидејќи им треба одмор, но едвај чекам да започнам“.

„Секако дека Роналдо е дел од проектот. Тој ќе донесе голови на тимот. Дали Мегваер ќе биде капитен следната сезона? Морам да повторам дека следната сезона е нешто поразлично од онаа што помина. Мегваер врши одлична работа, тој е исклучителен играч. Постигна многу и неговиот придонес за Манчестер Јунајтед е голем“, изјави Тен Хаг на својата прва прес-конференција.

Слични содржини