Тендер за корисниците на народни кујни во Скопје: За 1,5 милиони евра, храната се дели на улица и не секогаш според договореното

„Во одредени денови недостигаа супа, овошје и сирење, а во поединечни случаи, испорачаните количини не беа според договорот. Наместо нaведените 2 часа, за дистрибуција и сервисирање на храната на секоја поединечна локација, комбињата се задржуваат од 15 до 30 минути“, покажува истражувањето на ЦГК

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Центар за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки. Оттаму забележуваат за тендер за корисниците на народни кујни во Скопје. Се наведува дека за 1,5 милиони евра, храната се дели на улица и не секогаш според договореното

„Договорот за јавна набавка на готови оброци за корисниците на народни кујни во вредност од 1,5 милион евра не се спроведува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и понудата, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Тендерската документација на Министерство за социјална политика, демографија и млади упатува на постоење простории кои служат како народни кујни, но во пракса, на 7 од 9-те наведени локации, храната се дели директно на улица.

Податоците во тендерската документација претставувале основа за формирање на цената по оброк, при што наведените услови имаат директно влијание врз реалноста и оправданоста на договорената цена. Оброците кои државата ги плаќа по 239 денари се значително повисоки од малопродажните цени на производите од кои се составени тие.

Реализацијата на договорот за јавна набавка отстапува од условите утврдени во склучениот договор и во однос на менијата. Во одредени денови недостигаа супа, овошје и сирење, а во поединечни случаи, испорачаните количини не беа според договорот. Наместо нaведените 2 часа, за дистрибуција и сервисирање на храната на секоја поединечна локација, комбињата се задржуваат од 15 до 30 минути“, информираат од ЦГК.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.