Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ, се пласираше во третото коло на Ролан Гарос, откако со убедлива игра го победи Корентен Муте со резултат 6:2, 6:3, 7:6. Во следното коло, Ѓоковиќ ќе се соочи со Австријецот Филип Мишолиќ.
Интересен момент од пред натпреварот беше интервјуто на Ѓоковиќ со новинарите од ESPN, каде што му беше поставено прашање поврзано со фудбалот. Имено, оваа сабота се игра финалето на Лигата на шампионите, и многумина беа љубопитни дали Новак ќе навива за Парис Сен Жермен (ПСЖ) или за Интер.
„ПСЖ, бидејќи сум голем навивач на Милан. Го почитувам Интер, но сепак сум голем фан на Милан“, искрено одговори Новак Ѓоковиќ, кој важи за еден од најуспешните тенисери на сите времиња.
Финалето на Лигата на шампионите ќе се игра оваа сабота во 21 часот. Интер се обидува да ја освои својата четврта европска титула, додека ПСЖ ќе се обиде да ја освои својата прва.