Тензична собраниска седница: Опозицијата е против носењето на законот за спорот со Макпетрол

од Nikola Popovski
239 прегледи

По цели 15 години спорот околу сопственоста на гасоводот меѓу „Макпетрол“ и Владата од судовите се префрли во Собранието.

Опозицијата се спротистави на носењето на законот со кој државата треба да му исплати 33 милиони евра на „Макпетрол“ за да го откупи уделот од 50% во ГА-МА која управува со системот за пренос на природен гас. Tие сметаат дека предлог – законот е залутан во Законодавниот дом и Собранието нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра. Според опозицијата, не може со закон да се реши спор, за кој има судска постапка.Пратениците од владеачкото мнозинство сметаат дека со овој закон државата ќе стане сопственик на гасоводот.

Пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија истакна дека очекувал од претседателот на Собранието, Талат Џафери да го врати Предлог-законот во Владата, но не го сторил тоа. Тој рече дека парите од 33 милиони евра можеле да бидат употребени за други цели, а не да и бидат подарени на фирма која и така има многу погодности овозможени од Владата.

„И на крај после неколку дописи помеѓу владата и Народниот правобранител спогодбата доаѓа на потпис во собранието како соломонско решение. Тогаш на Итар пејо од Муртино да ја превесла опозицијата, да ги изигра граѓаните и на име на колективна одговорност ова акриминална спогодба да му ја изгласаат неговите послушни пратеници”, рече Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, реплицирајќи на излагањето на Димовски, рече дека и тој како и другите пратеници од опозицијата, тргнуваат од претпоставка дека се прави нешто криминално и заткулисно.

– Криминалецот секогаш гледа криминал. Криминално размислува. Никогаш не размислува поинаку па оттаму е тој порив да гледа криминал, рече таа.

Според неа, Владата можела да ја потпише Спогодбата и само да ја извести јавноста преку соопштение. Но, со влегување на спогодбата преку закон во Собрание, се остава можност за демократска дебата во врска со договореното меѓу Макпетрол и Владата.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев рече дека тој и неговиот сопартец Борислав Крмов нема да го поддржат законот и оти ќе го дадат на Уставен суд, кој ќе го поништи оти е противуставен.

-Ние пратениците не сме судии, па да пресудуваме. Парламентот не е суд. Парламентот нема неограничена дејност. Законодавната власт не може да ја суспендира судската власт. Овој закон е невиден преседан. Не може со закон да решавате судски спор. Тој се решава со пресуда или со судска и вонсудска спогодба, рече Апасиев, кој додаде дека ова е случај на вонредно судство за спор кој се води 15 години.

Владата и Макпетрол водеа спор околу сопственоста на ГА МА. Минатата година се согласија вонсудски да го решат спорот. Според Законот за енергетика кој беше донесен во 2018 Министерството за економија треба да биде доминантен сопственик. Макпетрол изрази подготвеност да го продаде удлот во системот за пренос на природен гас.

Слични содржини