Тензично во Благоевград на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“

од Берта Китинска
124 прегледи

Признавање на македонското малцинство е крајната цел на основачите на културниот клуб во Благоевград, „Никола Вапцаров“.Овој клуб, велат, е првата основа, а се очекува втората да ја постават лицата од Македонија кои се самоопределуваат како Бугари и тоа да биде мост за пријателство.

Македонците од Бугарија се заблагодарија на како што рекоа браќата од Канада кои им дале поддршка за отворање на клубот. Велат дека овој клуб е во интерес на македонската идеја.

„Да развиваме достојни идеи и цели во овој клуб“, кажаа Македонците од Бугарија.

Македонците од Бугарија читаа поезија од поетот Никола Вапцаров, каде тој ја споменува Македонија. Го нарекоа дека е човек симбол на Македоцните во Бугарија.
„Сакаме да бидеме Македонци, без страв. Да си Македонец не е анти бугарско дело. Ние подаваме рака за пријателство“, беше кажано при отворањето на клубот.

Во Благоевград имаше вербален инцидент меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и граѓанин кој носеше звучник од кој се слушаа патриотски песни. Нарекувајќи го Мицкоски предавник, граѓанинот побара од него да зборува бугарски по што насобраните граѓани почнаа да извикуваат „Македонија, Македонија“.

ЏАМБАСКИ ПРОТЕСТИРАШЕ СО СВОИТЕ ПРИВРЗАНИЦИ

Европратеникот Ангел Џамбаски денеска во Благоевград ги обвини Македонците од Бугарија дека се сепаратисти.
Тој вели дека Македонија, била, е и ќе биде бугарска. Џамбаски на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” не дозволи да се положи свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Благоевград. Тој и неговите приврзаници рекоа дека тоа може да се направи само доколку заедно со цвеќето се постави и бугарско знаме како национален симбол.

ИНЦИДЕНТ И СО АПАСИЕВ

На чист б’лгарски јазик, ФЛАШКА значело УСБ, пишува на социјалните мрежи, претседателот на Левица Димитар Апасиев.
Ова се однесува на случувањата денеска во Благоевград, каде во толпата еден маж почна да се расправа со него и го нарече крадец.
„Епа, „флашката” со фашистичките песни од Благоевград е во сигурни раце. Истата е прописно форматирана“, напиша Апасиев.

„НАСЕЛЕНИЕТО ВО БЛАГОЕВГРАД НЕ Е ПРОТИВ МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ“

Отворањето на македонскиот центар е добро за ширење на македонската култура. Тоа е шанса да се покаже на граѓаните во Бугарија кои сакаат да слушнат, дека Македонците не се непријатели и немаат ништо против Бугарија. Се надеваме дека ќе има позитивен резултат целата оваа работа, вели членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков за отворањето на клубот „Никола Вапцаров“.

Тој порача дека 30 години живеат без поддршка од македонските власти и дека нивната борба била самостојна, поддржана од некои меѓународни институции и демократската јавност.

-Не е ништо ново што и Бугарија одбива да не признае. За нас е важно што самото отворањето на клубот привлече големо внимание, особено во македонската јавност и се надеваме од тоа ќе произлезат позитивни работи, порача Стојков.

За протестите во Благоевград, тој вели дека немаат проблем од бугарското население.

-Тука живеат и Македонци и Бугари. Имаше организирани групи на ВМРО-БНД за кои не знаеме од кај се, можеби се од другиот крај на земјата, како што Каракачанов е од Русија, тој не е Македонец. Такви групи се појавуваат за да создаваат проблеми и да се даде впечаток дека населението е проблем. Населението не е против и не се интересира, самите гледате седат по кафеани и нема никаков проблем, не викаат од кафеаните. Оние другите се платеници, рече Стојков во вестите на Тв Сител.

Слични содржини