Пратениците од опозицијата и претседателот Талат Џафери вчеравечер влегоа во вербален конфликт.
Пратениците од опозициската партија обвинуваат дека биле заклучени во собраниската сала.
„Заклучени пратеници и хаос во Собрание! Диктатурата на ДУИ/СДСМ олицетворена во Талат го покажува грдото лице во Собрание“, напиша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, приложувајќи снимка од моменталната ситуација во македонскиот парламент.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски го прашал Џафери „кого заклучува“.
-Ќе ѕвонам на полиција да те пријавам. Кој ти дава право да ме заклучуваш? Ѕвонете на полиција. Правото на движење ни е нарушено. Врз основа на што не заклучуваш?, упорно прашувал Мицевски.
-Вие сте залутале во демократија. Срамота е. Вие ли ќе не заклучувате небаре невести сме овде, дофрлила пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.
Денеска во Собранието на дневен ред беше 71-та седница, на која почна расправата по 15. точка од дневниот ред за Дополнет предлог-закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.