Тензично во Собранието, Адеми жали за собранискиот инцидент

од Берта Китинска
158 прегледи

И на вчерашната седница на Комисијата за европски прашања имаше тензии. Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реагираше затоа што потпретседателката Арта Биљали-Зендели кажа дека дневниот ред е усвоен, а тие тврдат дека не се гласало за него. Според Мицевски, целта на пратениците од СДСМ и ДУИ е да донесат измени на законот за продолжување на мандатите на судиите обвинителите.

„Не може да сметате дека расправата почнала вчера бидејќи вчера имавме расправа за утврдување на дневниот ред, кој уште не е отворен. По утврдување на тоа, по отворање на точката, што сакате сега да го направите, Деловникот вика дека расправа по закон трае два дена. Закон за кој ние имаме 380 амандмани. До мене дојде еден документ, кој сега ќе го прочитам, а медиумите добро да внимаваат и да видат дали се тоа зборовите што ќе ги каже претседателката на Комисијата: „Нема да се води претрес по амандманите бидејќи, според Деловникот, истече рокот од најмногу два дена за водење претрес по амандманите“. Потпретседателката, по глумење функционирање и работа на оваа Комисија, планира ова да го прочита. Денеска, до крајот на денот, законот ќе се обидат да го донесат, а е селективен за судиите и обвинителите“, рече Мицевски.
Она што два дена се случуваше во Комисијата за европски прашања е уште еден обид на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат инциденти а со цел на секој начин да се обидуваат да ги заштитат своите сопартијци од одговорност, порача пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ во емисијата „Топ тема“ на Телевизија Телма.

„Со своето однесување во Комисијата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволија ниту да започне материјална расправа по Законот кој толку го критикува. 388 амандмани поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и сите од прв до последен се „три години се заменува со 10 дена“, „три години се заменува со 11 дена“ и така натаму. Сето тоа се прави со цел да не разговараме за суштинските работи на законите нешто што ВМРО-ДПМНЕ постојано го прави откако започнаа со таканаречената активна блокада“ порача Шкријељ додавајќи дека дури и европските партнери посочиле дека реформите во правосудството мора да продолжат но и мора да се спречи намалување на бројот на судиите.

Шкријељ истакна дека очигледно дека некои пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат личен интерес овие измени на законот да не се донесат, додавајќи дека агресивното однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието не е ништо ново и дека станува редовна пракса.

„Видовме како се однесуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на Комисијата за политички систем и на Комисијата за образование, кога претседателките на комисиите беа физички напаѓани и удирани по рацете од страна на пратеници и пратенички од ВМРО-ДПМНЕ“ порача Шкријељ додавајќи дека ова законско решение претходно беше заглавено и во Комисијата за труд и социјална политика каде исто така беше блокирано од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Адеми за инцидентот во Собрание: Такви сцени не треба да се повторат

Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг, кажа пратеникот и претседател на Комисија за европски прашања Арбр Адеми денеска во изјава, по инцидентот во Собранието.

„Тоа не требаше да се случи. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судири во Собранието“, изјави Адеми пред медиумите.

Слични содржини