Тензии пред доаѓањето на Бајден: Трамп додава уште две кинески компании на црната листа?

од Nikola Popovski
250 прегледи

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е подготвена да го додаде производителот на чипови „Semiconductor Manufacturing International“ (SMIC) и производителот на нафта и гас „China National Offshore Oil Corporation“ (CNOOC) на црната листа на кинески, наводно воени копмании, објави Ројтерс, повикувајќи се на увид во американските документи и извори.

Тоа значи ограничување на пристапот до американските инвеститори за овие кинески гиганти, што дополнително ќе ги ескалира тензиите со Пекинг пред официјалното објавување на резултатите од претседателските избори.

На почетокот на овој месец, британската агенција објавила дека Министерството за одбрана на САД планира да ја прошири црната листа за уште четири кинески компании кои, наводно, се во сопственост или под контрола на кинеската армија, со што нивниот број ќе се искачи на 35 компании.

Неодамнешната извршна наредба на претседателот Доналд Трамп ќе им забрани на американските инвеститори да купуваат хартии од вредност на високо котирани кинески компании на берзата, почнувајќи од крајот на следната година.

Засега е непознато кога новата мерка може да биде објавена во Федералниот регистар.

Според документите и изјавите на три извори, во „списокот за стрелање“ се наоѓаат и „China Construction Technology“ и „China International Engineering Consulting“.

„SMIC“ соопшти дека продолжува „конструктивниот и отворен контакт со американската влада“ и дека нивните производи и услуги се наменети исклучиво за цивилна и комерцијална употреба.

„Компанијата нема никакви врски со кинеската војска и не произведува за какви било крајни воени корисници или воена употреба“, се вели во соопштението.

Акциите на оваа компанија беа во пад од 2,7 проценти денес на затворањето на кинеската берза.

Компанијата „CNOOC“, чии акции паднаа за скоро 14 проценти по извештајот на Ројтерс, на берзата објави дека не добила никакво формално известување од релевантните американски власти, јавиваат кинеските медиуми.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, во врска со веста за планираниот потег на Вашингтон изјави дека Кина се надева дека САД нема да постават бариери и пречки во соработката и нема да ги дискриминираат кинеските компании.