ТЕНЗИЈА МЕЃУ МОСКВА И ВАШИНГТОН: По заканите на Бајден кон Путин, рускиот амбасадор во САД на консултации

од Берта Китинска
155 прегледи

Рускиот амбасадор во Соединетите држави, Анатолиј Антонов ќе отпатува во Москва на 20 март, на консултации во врска со идните билатерални односи меѓу двете земји, соопшти руската амбасада во Вашингтон.

– Рускиот амбасадор во Соединетите држави Анатолиј Антонов ќе пристигне во Москва на 20 март на консултации. Амбасадорот ќе присуствува на состаноците во руското Министерство за надворешни работи и други владини агенции, на кои ќе се разговара за начините за подобрување на руско-американските односи, кои сега се во криза – објави амбасадата на својот Фејсбук профил во средата, јави ТАС С.

Агенцијата известува дека руската амбасада исто така објавила дека сегашната криза во односите меѓу Русија и САД произлегува од неконструктивната политика на Вашингтон и од одредени несовесни изјави на високи американски претставници, кои претставуваат закана за целосно прекинување на билатералните врски меѓу двајцата земји.

Руската амбасада во Вашингтон објави уште еден коментар на својот профил на Фејсбук по поканата до амбасадорот Анатолиј Антонов за консултации во Москва, во која ја потенцираше важноста за продолжување на дијалогот меѓу двете страни.

– Ние сме посветени на воспоставување дијалог меѓу двете постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, кои се одговорни за меѓународниот мир и безбедност – објави амбасадата.

Ројтерс претходно објави дека Русија го поканила својот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, во Москва на консултации за иднината на руско-американските односи, откако американскиот претседател eо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе „плати“ за наводно мешање во американските избори . Во извештајот на агенцијата се вели дека изјавата на американскиот претседател уследи по објавувањето на наодите на американските разузнавачки служби, во кои се тврди дека рускиот претседател Владимир Путин стои зад мешањето на Москва во американските избори, што портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, категорично го негираше.