Теохару: Рама ќе плати скапа цена,Грција ќе ја блокира интеграцијата

од desk4
91 прегледи

 Кипарската европратеничка Елени Теохару, која е известувач во сенка во преговорите за прием на Албанија во Европската унија го предупреди премиерот Еди Рама дека ќе плати голема цена затоа што Грција ќе ја блокира интеграцијата на неговата земја.

Таа вели дека Атина има национална, историска, морална и политичка одговорност кон сите Грци каде и да живеат, вклучувајќи ги и оние во “Ворио Епир” (Северен Епир), како што Грците го нарекуваат јужниот дел на Албанија.

Задржувајќи се на убиството на Костадинос Кацифас(35) албански Грк кој поседувал и грчко државјанство, во престрелка со албанската полиција во неговото родно село Буларат, таа обвини дека „Грците во Северен Епир се угнетени и живеат под терор“.

– Кацифас со своето делување стана опасен, зборуваше, се бореше, не се плашеше, па мораше да го замолчат. Рама не успеа да не уплаши, бидејќи сите бевме таму, рече таа.

Таа смета дека во „Северен Епир“ се случува етничко чистење и бара од грчката влада да финансира училишта, универзитети и болници.

– Таа треба да го подржи секој мал бизнис во Северен Епир и да додели привилегиран статус на нивните производи, да испраќа посетители во историските и туристичките области во Северен Епир. Младите треба да се школуваат на грчки универзитети со поволни услови  и да се вратат и да работат за својата земја најмалку 5 години, посочува Теохару.

Таа вели дека по убиството на Коцифас, Грција ќе го спречи секој процес на интеграција на Албанија во Европската унија.

Ден по погребот на Коцифас, албанските власти 52 грчки државјани, меѓу кои и Теохару, поради нивната „неприфатлива,навредлива и опасна“ активност на денот на погребот,беа прогласени за „персона нон грата“со забрана за влез во Албанија во период од пет години.

Теохару,тогаш изјави дека воопшто не е вознемирена од одлуката на абанскте власти.

– Тоа е почесна титула за мене, да станам цел на еден корумпиран режим, како оној на Еди Рама во Албанија. Тие не можат да го ослабнат мојот отпор, или мојата страст за човековите права и зачувувањето на Ворио Епир, рече Теохару.

Инаку, на погребот освен извикувањето навредливи пароли,меѓу кои и „Ворио Епир е грчки, Македонија е грчка“, „албански кучиња“, „Албанци одете си,ова е Грција“ … навреди упатувале до албанските новинарски екипи, а групата ја блокирала и главната сообраќајница Ѓирокастро-Какавија.